ТАВ Македонија: Нашиот вработен не се обиде да и го одземе телефонот на косовската претседателка Османи

Од:

Операторот на скопскиот меѓународен аеродром ТАВ Македонија категорично ги отфрла наводите дека нивниот вработен од одделот за обезбедување се обидел да го одземе телефонот на косовската претседателка Вјоса Османи при вчерашниот преглед во ВИП-салонот на Меѓународниот аеродром Скопје.

-Телефонот и беше побаран со цел да се подложи на задолжителен безбедносен скрининг преку уредот за рентген. Согласно Документот 30 (Doc.30) на ECAC и Националната програма за безбедност на цивилното воздухопловство, сите патници, кабински багаж и нивните лични предмети со кои патуваат на комерцијален лет, како во овој пример, се предмет на безбедносен преглед. Доколку не сме усогласени со овие правила, пилотот на летот ќе го одбие влегувањето во авион на патникот, посочуваат од ТАВ Македонија.

Нагласуваат дека Виенската конвенција за дипломатски односи ги ослободува од безбедносен преглед само официјалните гости на Владата на Република Северна Македонија, а операторот на аеродромот добива официјално известување за таквите изземања од Министерството за внатрешни работи.

-Насоките што ги доби нашиот Оддел за обезбедување од страна на Одделот за заштита на одредени лица и објекти јасно кажуваат дека членовите на делегацијата мора да поминат стандардна безбедносна проверка во согласност со утврдените процедури, потенцираат од ТАВ Македонија.

Обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши вчера им се заканувало на вработени во ТАВ Македонија кои побарале од претседателката на Косово да го остави телефонот за да помине на секенер кога поминувала низ гранична контрола на Меѓународниот аеродром Скопје.

Како што информираа претходно од МВР, вчера околу 10 часот додека претседателката на Косово поминувала на гранична контрола, во моментот кога било побарано да го остави телефонот да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Но, потоа, сепак, багажот бил вратен и поминал низ скенер.

-По половина час, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието Гаши (полициски службеник) со уште две лица (полициски службеници) и почнал да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој и направил проблем на претседателката. При тоа турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин, соопшти МВР.

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово, пак, изрази загриженост поради вчерашниот инцидент што ѝ се случи на косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром, за кој вели дека почнало да собира информации за случајот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Нарекувајќи го „недостоинствен“ односот на аеродромското обезбедување кон Османи, косовското МНР во денешното соопштение наведува дека побарало официјални појаснувања во врска со инцидентот од амбасадата на Северна Македонија во Приштина и од македонското МНР.

-Министерството за надворешни работи и дијаспора со загриженост дозна за инцидентот предизвикан на скопскиот аеродром во врска со недостоинствениот однос кон претседателката на Република Косово, др. Вјоса Османи. Министерството за надворешни работи и дијаспора, преку Амбасадата на Косово во Скопје, започна со собирање информации и уште од раните утрински часови бара официјални појаснувања од амбасадата на Северна Македонија во Приштина и од Министерството за надворешни работи на Северна Македонија. Министерството за надворешни работи ќе ја информира јавноста за понатамошните активности, за да се расчисти оваа ситуација и да се погрижи во иднина да не се случуваат вакви инциденти во однос на шефовите на нашата држава, се вели во соопштението на косовското МНР.

Од кабинетот на Османи синоќа објавија дека обезбедувањето на скопскиот аеродром се обиде да ѝ го земе личниот телефон на претседателката, што е однесување „спротивно на меѓународните практики и Виенската конвенција за дипломатски односи“.

Би можело да ве интересира

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

СДСМ: Гаши не го почитува Деловникот, бранителите ќе извисат поради желбите на ВЛЕН

Арсовски: Движењето ЗНАМ нема да ја поддржи интерпелацијата за спикерот Гаши

Стојаноски: ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи интерпелацијата против Гаши

(ВИДЕО) Апасиев: Ако Џафери беше мајстор – Гаши е велемајстор за скандали

Мицкоски: ВМРО – ДПМНЕ нема да поддржи интерпелација на Гаши