Бан Ки Mун утре и задутре во Македонија

Од:

Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки Mун, во рамки на неговата балканска турнеја  утре и задутре ќе престојува во официјалната посета на Република Македонија. Првиот човек на Светската организација ќе биде придружуван од посредникот на ОН во спорот за името со Грција, Метју Нимиц, поради што се очекува тоа прашање да биде централна тема на разговорите со македонскиот државен врв.

„Фактот што во придружба на Бан Ки Mун ќе допатува и неговиот специјален претставник за спорот со името Метју Нимиц, го гледаме како потврда на важноста што Генералниот секретар на ОН ја придава кон што побрзо разрешување на ова прашање и изнаоѓање начин за интензивирање на процесот. На генералниот секретар и посредникот Нимиц ќе им биде повторен нашиот конструктивен приод и решителност за што побрзо изнаоѓање на заеднички прифатливо решение во врска со спорот со името“, стои во соопштението од МНР по повод посетата.

Како што соопшти порано канцеларијата на медијаторот Нимиц, од Скопје тој на 26 јули ќе замине во Солун на средба со грчкиот претставник во разговорите за името амбасадорот Адамантиос Василакис, кој потоа треба да ја брифира грчката Влада.

Дводневниот престој во Македонија, Бан Ки Mун го почнува утревечер во Охрид. Според агедната, генералниот секретар на ОН во градот на УНЕСКО ќе рагзовара со шефот на македонската држава Ѓорге Иванов. Во среда наутро Ки-мун и претседателот Иванов ќе имаат официјална средба, по што ќе следи заедничка прес-конференција. По планираната прошетка низ Охрид, Бан Ки Mун заминува за Скопје каде што ќе се сретне со премиерот Никола Груевски и со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, а ќе има и обраќање пред пратениците во законодавниот дом.

Според најавата од МНР, на средбите Бан Ки-мун, ќе биде информиран за постигнувањата на Република Македонија од нејзината независност и во текот на 19-годишното членство во ОН: изградбата на мултиетничка функционална демократија; придонесот кон регионалниот развој и соработка со посебен акцент на градењето добрососедски односи; заложбите и придонесот за континуирано унапредување и почитување на човековите права во светот, за што потврда е кандидатурата на Македнија за членство во Советот за човекови права за периодот 2014-2016; македонската интенција за зголемено учество во мировни операции на ОН; како и голем број други активности во насока на зајакнување на соработката и партнерството на Република Македонија со ОН.

Успешното претседавање со 62-то Генерално собрание на ОН, пак, ќе биде посочено како најдобар пример дека една мала земја како Република Македонија, може активно да придонесе за мобилизирање на членството на Светската организација за справување со одредени глобални прашања, како односот кон климатските промени или пак реформата на системот на ОН, вклучувајќи ја ревитализацијата на Генералното собрание.

Средбите кои Бан Ки Mун ќе ги има со највисокото макеоднско раководство, најавува МНР, ќе бидат прилика за истакнување и потврда на целосната поддршка на Република Македонија кон напорите на Светската организација за зачувување на мирот и безбедноста во светот, а особено на заложбите на Генералниот секретар за спроведување на реформи на целиот систем на ОН, неговите активности за разрешување на состојбата во Сирија, транзицијата во Либија и Тунис, натамошните активности во делот на одржливиот развој по неодамнешната конференција Рио+20, како и други теми од глобален интерес.

На посетата се гледа и како на исклучителна можност за размена на мислења за бројни актуелни прашања од агендата на ОН, како ангажманот во разрешување на кризните жаришта во светот, справувањето со широката лепеза на глобални предизвици како што се искоренување на сиромаштијата, борбата против тероризмот, непролиферацијата на оружје, одржливиот развој, климатските промени и др.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Mун од Скопје заминува за Босна и Херцеговина, со што ќе ја заврши балканската турнеја во која беа опфатени сите држави од поранешна Југославија.

Би можело да ве интересира

Дендиас за меморандумите со С. Македонија: Секоја грчка Влада оценува што е во нејзин интерес

Ана Ололовска

Варвициотис: Ако се врати националистичката реторика кај соседите, ќе ја редефинираме позицијата за евроинтеграцијата

Ана Ололовска

„Жито Лукс“ се правда: Зборот Македонија е избришан поради унифицирање на името на фирмата дома и во странство

Маја Илиевска-Пачемска

„Жито Лукс“ ја избриша Македонија од Статутот, купувачите најавија бојкот на производите до банкрот на компанијата

Маја Илиевска-Пачемска

ВИДЕО: Димитров сугерира разрешување на Мизрахи, Министерството не е нејзин приватен стан

Ана Ололовска

На бугарскиот граничен премин „Ѓуешево“ се уште се користи „ПЈРМ“

Драган Поповски