Бројот на загинати во силниот земјотрес што во вторникот ја погоди југозападната пакистанска провинција Белуџистан, според најновите податоци на локалните власти, се зголеми на 348 лица, додека најмалку уште 513 други се повредени.
Во областа Аваран, каде беше епицентарот на потресот со интензитет од 7,7 степени по Рихтер, се откриени 305 тела, а 34 жртви има и во соседната област Кеч.
Пакистан прогласи вонредна состојба во областите погодени од земјотресот, што е најкатастрофалниот по оној во 2005 година во северозападната област Кашмир, каде загинаа најмалку 73 илјади лица.
Армијата испрати војници и стотина лекари и медицински сестри на помош на спасувачките екипи, кои продолжуваат со потрагата по преживеани под урнатините.