ВИДЕО: Демократите застануваат зад Камала Харис

Од:

Сите 50 претседатели на Демократската партија од сојузните држави ја поддржаа Камала Харис како нов претседателски кандидат кој ќе му се спротивстави на републиканскиот кандидат и поранешен претседател Доналд Трамп, пренесува Ројтерс.

Претседателите одржаа конференциски повик откако претседателот Џо Бајден објави дека се повлекува како кандидат на партијата.

„По најавата на претседателот Бајден, нашите членови веднаш се собраа за да се обединат зад кандидатот кој има историја на победи на тешки избори и кој е докажан лидер за прашања што се важни за Американците: репродуктивна слобода, спречување на насилството со оружје, заштита на климата, законски реформи и обнова на економијата“, се вели во соопштението на Кен Мартин, претседател на Асоцијацијата на државни демократски комитети.

Додека демократите се собираат околу Камала Харис, треба многу да се случи пред таа да биде формално избрана за кандидат на партијата за ноемвриските избори.

Бајден веќе освои 3.896 делегати, многу повеќе отколку што му беше потребно за да ја обезбеди номинацијата на неговата партија. Но, сега кога тој се откажа, тие делегати можат да поддржат кого сакаат.

На нив останува да изберат нов кандидат. Тие треба да се сретнат во Чикаго на партиската конвенција на 19 август.

Доколку Демократската партија колективно не одлучи да поддржи нов кандидат, конвенцијата ќе биде целосно отворена со повеќе претенденти кои ќе ги изберат партиските делегати

За партиска номинација, кандидатот мора да освои најмалку 1.976 делегатски гласови.

Раководството на демократите ќе се состане в среда за да го разработи планот и правилата за избор на нов кандидат за претседател.

„Сега е одговорност на Изборниот одбор да воспостави рамка за избор на нов кандидат што ќе биде отворена, транспарентна, фер и соодветна“, изјавија копретседателите на комитетот, гувернерот на Минесота, Тим Волц и долгогодишната демократка Леа Датри.

Новиот кандидат треба да биде потврден на Демократската конвенција на 19-22 август во Чикаго.

Хипотетичките анкети пред Бајден да се откаже покажаа дека Камала Харис заостанува зад Трамп со 2 процентни поени, 46% спрема 48%, додека Бајден заостанува 44% до 47%.

Анкетата на клучните сојузни држави, спроведена по обидот за атентат врз Трамп и пред да се повлече Бајден, покажа дека Харис заостанува зад Трамп за еден процент во Пенсилванија и води со пет процентни поени во Вирџинија. Нејзината поддршка меѓу жените, помладите гласачи и црните гласачи е посилна од онаа на Бајден, пишува Њујорк Тајмс.

Секако, треба да се почекаат анкетите кои ќе го испитаат расположението на нацијата по повлекувањето на Бајден и евентуалната официјална потврда на кандидатурата на Камала Харис.

Би можело да ве интересира

НАТО соопшти за што разговарале Руте и Трамп

Бајден: Издавањето налог за апсење на израелски лидер е срамота

Горан Наумовски

Мет Гаец нема да биде државен обвинител на САД

Бајден наполни 82 години и стана најстариот актуелен претседател во историјата на САД

Трамп го номинираше Метју Витакер за американски амбасадор во НАТО

Трамп повторно повика на разговори за можноста САД да го купат Гренланд