Министерот за надворешни работи Никола Попоски утре во Њујорк ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, потврдија за МИА во македонското МНР.
Средбата е закажана во 12 часот по њујоршко време, а се одржува на маргините на 68-то Генерално собрание на ОН.
Тоа ќе биде втора средба на Попоски и Венизелос. Првата беше одржана на 22 јули во Брисел.
Централна тема на утрешниот состанок во Њујорк се очекува да биде спорот за името.
Венизелос пред неколку дена по средбата со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун изјави дека Атина инсистира на својата позиција за име со географска одредница за севкупна употреба, што би подразбирало и промена на Уставот на Република Македонија.
Попоски пак му реплицира дека е уникатност да се перцепираш како лулка на демократијата, а истовремено да бараш Устав на една земја да се дефинира не од нејзиниот народ, туку од Влада на друга држава.
На вечерашната дебата за владеењето на правото одржана во рамките на Генерално собрание на ОН Попоски забележа и на неспроведувањето на одлуката на Меѓународниот суд на правдата во врска со грчкото кршење на билатералната Времена спогодба.
Министерот за надворешни работи Никола Попоски доцна вечер по македонско време треба да има средба и со еврокомесарот за проширување, Штефан Филе.