Мизрахи: Разрешени девет директори во клиничките болници, за останатите пет се очекуваат законските предлог-измени

Од:

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи денеска изјави дека досега се разрешени девет од вкупно 14 економски директори во клиничките болници, а за разрешување на останатите пет се очекува Владата до Собранието да ги испрати Предлог-измените на Законот за здравствена заштита.

– Економските директори во клиниките беа воведени пред 17 години. Во 2006 година, скопскиот Клинички центар беше поделен на 32 клиники, со 56 директори и 142 члена на управни одбори, што се покажа како дисфункционално, неодржливо и скапо решение. Денес е десетти ден од формирањето на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а веќе предвидената мерка која беше и изборно ветување од програмата Платформа 1198 од страна 120, почна да се реализира, а гласи: Укинување на економските односно организационите директори на клиниките, а во цел укинување на дуализмот и лоцирање на одговорноста како и пренасочување на средствата за подобрување на здравствените услуги и инфраструктура и зголемување на транспарентноста и отчетноста, истакна Мизрахи.

Оваа мерка, оцени, ќе овозможи оптимизација на здравствениот систем, зајакнување на јавното здравство и подобрување на неговата функционална организација, преку елиминирање на врзаните потписи и сивата зона на одговорност во рамки на здравствените установи.

– Истовремено ќе се намалат непотребните и ќе се рационализираат административните трошоци преку пренасочување на средствата во сериозно потребната здравствена екипираност, континуирана едукација на кадрите и набавка на нова медицинска опрема. Ова ќе придонесе кон целосно подобрување на здравствената внатрешна и надворешна инфраструктура и здравствени услуги за сите граѓани. Здравствената нега е од витално значење за сите нас во одредено време, но јавното здравство е од витално значење за граѓаните во секое време, рече Мизрахи.

Би можело да ве интересира

Катните гаражи на Клинички центар ќе се градат со јавно-приватно партнерство

Наскоро еден директор на цел Клинички центар и спојување на неколку болници со здравствени домови

Три фирми заинтересирани за тендерот за компресорската станица на Клинички центар

Вработена на скопските Клиники била нападната на работното место

Таравари именуваше четворица нови директори на здравствени установи

Мицкоски најави одговорност: Жалам што граѓаните се соочуваат со проблеми во здравството за кои мислевме дека се дел од минатиот век