Завршната декларација на Мировниот самит во Украина, што се одржува во Швајцарија, ја потпишаа 80 земји, но не и земјите од БРИКС, ниту Мексико, Индонезија и Тајланд, јавуваат швајцарските медиуми.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба претходно изјави дека текстот на декларацијата од Мировниот самит за Украина е готов и дека се земени предвид сите принципиелни позиции на Киев.
Потписниците на декларацијата, вклучително и Украина, сметаат дека учеството и „дијалогот на сите страни“ се неопходни за постигнување мир.
Ерменија, Бахреин, Бразил, Ватикан, Индија, Индонезија, Либија, Мексико, Саудиска Арабија, Словачка, Јужна Африка, Швајцарија, Тајланд и Обединетите Арапски Емирати не го потпишаа документот.
Во завршниот документ се бара ослободување на сите воени заробеници во „целосна размена“ и сите украински деца кои се „депортирани и нелегално раселени“ да бидат вратени во Украина.
Киев ја обвинува Русија за киднапирање на речиси 20.000 деца од делови на истокот и југот на земјата, врз кои нејзините сили презеле контрола.
Работните групи на самитот се занимавале и со прашања од глобалната безбедност на храната и нуклеарната безбедност.
„Безбедноста на храната не смее да се вооружува на кој било начин“, се наведува во декларацијата, додавајќи дека пристапот до пристаништата во Црното и Азовското Море е „критичен“ за глобалното снабдување со храна.
Украинската конференција се одржува викендов во одморалиштето Бургенсток во близина на Луцерн. Учествуваат 92 земји, меѓу кои 55 шефови на држави, како и осум организации, меѓу кои ЕУ, Советот на Европа и ОН.
Говорејќи на состанокот со персоналот на руското Министерство за надворешни работи во Москва, рускиот претседател Владимир Путин рече дека Русија „веднаш ќе ги прекине борбените операции“ доколку Украина се откаже од намерата да се приклучи на НАТО и ги повлече своите трупи од Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје – четирите источни региони анектирани од Русија во 2022 година, потег што генерално не го признава меѓународната заедница.