Договорот од Преспа и едното име Северна Македонија, ерга омнес, за сите, беше основниот предуслов Северна Македонија да влезе во НАТО, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за државната телевизија „ЕРТ“, посочи дека позицијата премиер е институционално тело, а не индивидуално, но и коментираше дека станува збор за „непотребна димензија што ги комплицира односите меѓу двете држави“.
Мицотакис објасни дека токму името „беше и причината што земјата толку години не влезе во НАТО“, а посочи и дека со новиот премиер „се чини дека за првпат ќе се најдат заедно на 75-годишнината од формирањето на Алијансата“.
-Сметам дека е несфатливо Северна Македонија дека може да дојде на своето прво учество со новото раководство и да го доведе во прашање Договорот од Преспа во однос на името, рече Мицотакис.
Во однос на неговиот став изразен вчера дека на НАТО Самитот, Мицкоски може да „се најде во непријатна позиција“, објасни дека тоа ќе се случи „ако продолжи да го кажува истото она што го кажува“.
-Кога некој е избран за премиер, не постои индивидуален статус на премиер. Премиерот е институционално тело. Говори претставувајќи ја неговата земја. Значи, не е замисливо да вели дека „индивидуално се идентификувам како Македонец и ќе ја користам оваа терминологија, но официјално името на мојата земја е Северна Македонија. Тоа не се сериозни работи. Ги очекувам официјалните изјави на премиерот, рече Мицотакис.
За евентуалната блокада на европскиот пат на земјата, грчкиот премиер објасни дека за него „не се работи толку за вето, туку за разбирање од Северна Македонија“, со која како што рече, и покрај нивната резервираност за Договорот од Преспа поради македонската националност и македонскиот јазик, „успеавме да изградиме и имаме добри односи и го поддржуваме патот кон Европа“.
– Не верувам дека Северна Македонија си мисли дека може да направи чекори кон Европа со отворање нов, непотребен фронт со Грција. Мислам дека ова што го кажувам е очигледно и се надевам дека ќе биде сфатено со апсолутна јасност во Скопје, бидејќи навистина е, би рекол, една непотребна димензија што ги комплицира односите меѓу двете држави, што навистина мислам дека не е од корист пред сè и над сè за самите граѓани на Северна Македонија, посочи Мицотакис.
Интервјуто на грчкиот премиер за „ЕРТ“ беше од Лориен, Франција, за време на неговата посета на објектот на „Naval Group“ и снимено на фрегата „Кимон“, што Грција се очекува да ја добие следната година.
Кај јужниот сосед денеска е претпоследниот ден од предизборната кампања во пресрет на евроизборите в недела.