Во услови на силен топлотен бран и суша, загрозените мајмуни мртви паѓаат од дрвјата во југоисточните тропски шуми на Мексико во последните неколку недели. Локалните медиуми јавуваат дека во државата Табаско, каде температурите оваа недела би можеле да надминат 45 степени Целзиусови, биле пронајдени дури 85 мртви мајмуни. Државната агенција за цивилна заштита преку соопштение изминатиот викенд наведе дека животните умреле поради дехидрација.
Волонтерите собраа трупови на мртви животни во шумата надвор од Камалкалко, а потоа поставија кофи со вода и овошје во областа за да им олеснат на мајмуните да имаат пристап до вода и храна, пишува CNN.
„Тоа е поради екстремно високите температури. Често ги посетував тие области и никогаш порано не сум почувствувал ваква топлина. Така, да, мораме да се грижиме за животните“, рече мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор.
Мексико веќе со недели се бори со високи и смртоносни температури. Министерството за здравство извести дека од горештините веќе починале 26 лица.