Вработените во Фондот за здравствено осигурување започнаа со предупредувачки штрајк против Управниот одбор на ФЗО затоа што нивната точка на дневен ред за усогласување на минималната плата согласно Законот за минималната плата беше одложена и оставена на неодредено време, односно после завршување на изборите и формирање на новата Влада.
– Вработените во ФЗО штрајкуваат со цел да им остане истата плата, а времената одлука што Владата ја донесе за тие плати важи до 31 мај. Сега доаѓаме во „цајтунг“ период каде што треба да се донесе одлука за усогласување на платата, ние сакаме да го предупредиме овој состав на УО да седне, да си ги донесе одлуките и да не не држи во неизвесност.
Со оглед на тоа дека немаат намера да одржат состанок, останува прашањето зошто тие воопшто постојат и најдобро е да си дадат оставка.
Ако ова не се случи до 15 мај, ние ќе организираме предупредувачки протести во сите градови, а ако не се реши барањето, на 1 јуни стапуваме во генерален штрајк – истакна Бранко Аџигогов, претседател на синдикалната организација на вработените во Фондот.
Тие не добиле образложение од Управниот одбор зошто точката не им била изгласана.
– Немаме образложение зошто ова се случи. После штрајкот на ФЗО, ние го сфаќаме ова дека не им е грижа за вработените во Фондот за здравствено осигурување.
Станува збор за усогласување од 2392 денари по лице, тоа е капка во морето. Некој ќе каже што се буните, но тоа е законска обврска за сите. После 31 мај знаеме за што работиме, од 1 јуни ќе работиме практично без плата и бодови – додаде Аџигогов.
Тие ги повикаа одговорните во Владата и Управниот одбор да го решат проблемот затоа што последиците од нивното неработење поради штрајкот ќе бидат огромни.