Лабина Митевска: Скандалот е вештачки, немаме филм за Оскар

Од:

Директорката на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, Лабина Митевска со отворено писмо одговора на обвинувањата на продуцентот Томи Салковски и режисерот Игор Иванов Изи, дека комисијата на Друштвото на филмски професионалци тендециозно не го избра филмот Соба со пијано за македонски кандидат за Оскар.

Таа вели дека се работи за вештачки испровоциран и неоснован скандал околу македонскиот кандидат за Оскар и одлуката на комисијата и јавните прозивања:

„Јавно прашувате, па јавно да ви одговорам. Моето мислење и основен критериум по кој се раководоев при донесувањето на одлуката е дека ниту еден од двата понудени филма не би имале шанса во трката за Оскари затоа што немаат никаква фестивалска историја, немаат никаков оддек во стручниот печат, освен во Македонија немаат никакви осврти и рецензии во меѓународни списанија, ни позитивни ни негативни, значи никаков интерес на филмската јавност и со самото тоа немаат шанси со конуренцијата која доаѓа со признанија од реномирани фестивали и се филмови за кои се зборува . На пример “Пред Дождот”, прво победник на Венеција, потоа номинација за Оскар. Тоа што сте се решиле очигледно да градите промотивна кампања за вашиот филм со тоа што би му залепиле етикетка кандидат за Оскар е промашена и погрешна стратегија која вие само мислите би му помогнала на вашиот филм, но секако би и одмогнала на репутацијата на македонската кинематографија ако нам треба да ни е единствен критеирум тоа што ви е филмот единствен завршен продукт таа година. Толку за критериумите. Како што веќе ви одговори Тозија, дајте му шанса на филмот, може ќе ни донесете некоја палма или лавче, па тогаш и Оскарот би бил опција. Вака, обратно сте ги свртеле работите. А, ова и ви е сигурно добро познато, ама сепак сте се решиле да ви овозможиме да ја добиете налепницата кандидат за Оскар. Прво треба да ја заслужите, без оглед дали мене или на Станко или Јанко од комисијата им се допаѓа или не вашиот филм.

А сега поконкретно за она за кое ме прашувате. Не било мое да сметам или не дали „Јас Сум од Титов Велес” треба да биде наш кандидат за Оскар таа година. Така одлучила комисијата. Што не ме прашавте дали сметам дека “Жената која си ги избриша солзите” заслужила кандитатура? И дали ме чувте јавно или приватно да реагирам по тој повод? Што се однесува до споредувањето, сепак да почекаме на кои фестивали ќе биде поканет и на кои фестивали ќе победи и ќе биде наградуван, на кои територии ќе биде продаден за кино и телевизиско прикажување и каквов оддек во светскиот професионален печат ќе има филмот „Соба со пијано”, за да ги компарираме двата проекти.

Да ви ја освежам меморијата или да ве информирам доколку не сте знаеле, „Јас сум од Титов Велес” отвори во Сараево каде доби специјална награда од жирито, па учествуваше во Торонто во конкуренција за награди во програмата Нови хоризонти, па како преседан за Берлинскиот фестивал беше поканет да учествува во конкуренцијата Панорама. Знаете во Берлин, како и Кан и сите поголеми фестивали бараат светски премиери, но во овој случај направија исклучок од правилото. Филмот потоа играше и во Кан, во неофицијалната селекција АЦИД и доби крајно позитивна критика од престижниот Каје д’Синема по повод започнувањето на редовната кино дистрибуција во Франција, која започнува со следниве зборови „Скриен во програмата АЦИД е овој бисер на минатогодишниот Кански фестивал”. Ова е само втор Макеодонски филм дистибуиран во редовната кино мрежа во Франција. Филмот доби преку 15 награди, две за фотографија, 5 за глума, 9 за најдобар филм, играше на преку 90 фестивали и беше продаден во 14 територии. Повелете, да почекаме, па јавете се за година дена да прашате дали требало да се прави споредба воопшто. Ама јавете се за година дена, за да дискутираме, за да резимираме, да заклучиме некои работи. Многу паушално, аматерски, зајадливо и кафански се води јавната дискусија за филм во Македонија, па на тоа ниво и вашево прашање и затоа ви предлагам да го професионализираме малку односот и да ја освежиме јавноста со релевантна професионална критичка дебата.

Еве си превземам за моја обврска за година дена да ве прашам како ви поминал филмот во овие неколку сегменти.

Ви честитав по премиерата, зарем би требало да ве оптеретувам со критики на таква вечер? Не би било ниту културно, ниту колегијално, како што вие се однесувате, па се обидувате да навредувате и понижувате, сосем неосновано.

Како филмски професионалец од Македонија, член на Друштвото, и како директор на ИФФК Браќа Манаки, сметам дека имам обврска да се борам за промоција на македонската кинематографија. Свеченото отварање и затворање, по можност, се резервирани за нашите филмови, од кога сум јас директор. Тоа се свечени вечери со највеќе публика, медиуми, јавност и заради тоа мислам дека таа платформа мора да се искористи, да му се даде можност на македонскиот филм да биде презентиран. Искрено, не сте морале да ги прифатите моите убедувања и искрено, можеби е грешка дека инсистирам секој наш филм да биде обврзно во конкуренција. Можеби не секој наш филм има фотографија која заслужува учество во конкуренција на овој толку вреден фестивал.

Пропагандистичкиот крај на вашето прво писание дека Македонија мора да има кандидат за Оскар е празен популистички трик кој ја открива вашата намера. Нашето Друштво има пред се обврска да негува и промовира врвни уметнички вредности, а не се што ќе се сними во Македонија. Веројатно сомневајќи се во реалните вредности на вашиот продукт се обидовте да и ја “олесните” работата на комисијата со навремена елиминација на конкуренцијата со инсистирање на административни пропусти и формалности. И кога комисијата, нажалост, се реши дека ниту двата филма немаат никакви реални шанси да го привлечат вниманието на Амерканската Академија и дека трошењето десетици илјади долари би било залудно, настапивте, најитно, со подготвена кампања. Прво го именувате и ставате на тапет претседателот на здружението, а потоа атакувате поединечно на членовите на комисијата со долни и ниски дисквалификации. Нити ве личи на културни дејци, ниту професионалци, ниту колеги, ниту еснаф, воопшто да не споменувам некакви пријателски односи, кои очигледно биле само моја илузија. Прилично долно, уличарски настапувате, а да не збориме и колку неблагодарно.

Е, колеги, професионалци, уметници, креативци, со толку злоба и подмолност не се оди напред.

Конечно, пред македонската јавност го скандализиравте работењето на вашето здружение, на вашиот еснаф, а можевте културно да побарате воспоставување јасни и цврсти критериуми и тоа повторно, пред се пред членството на вашето здружение, а не пред јавноста, прескокнувајќи неколку основни правила на фино домашно и професионално однесување.

„Ништо не може да го симне срамот кој што оваа група го нанесе на културата и филмот и затоа сакам да им поставам неколку прашања?” – изјавивте на пресот. Чиниш за Годар, Трифо, Тарковски се работи, па неговото име е гаранција за Оскар ама бирократски злобници, идеолошки непријатели и завидливи колеги сакаат да му напакостат. Која ароганција?! Не верувам дека врвни уметници би негувале такви параноични стравови, тие не би биле така ниски и валкани. Е па, запрашајте се Изи и Томи како не ви е срам да делите квалификации и да омаловажувате колеги само затоа што на вашиот филм не беше одбран за македонски преставник за оскар. Погледнете се во огледало и запрашајте се – Чиј е срамот?“, пишува Лабина Митевска во својата реакција.

Александра Бубевска

Би можело да ве интересира

Седумнаесетта „Недела на јапонски филм“ во Скопје и Битола

Критичарите воодушевени од новиот хорор филм: Го нарекуваат најстрашниот филм од „The Shining“

Предраг Петровиќ

Во Турција е забранет новиот филм на Даниел Крег со интимни геј сцени

Предраг Петровиќ

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Лијам Нисон призна дека Памела Андерсон му го освоила срцето: Лудо сум вљубен во неа

Предраг Петровиќ

Недела на романски филм во Кинотека: Проекции на филмовите на Пују, Мунџиу, Порумбоју и Жуде кои ја поставија Романија на мапата на светската кинематографија

Предраг Петровиќ