Академијата за судии и јавни обвинители тврди дека на вчерашната јавна седница на Државната комисија за спречување на корупција и пред одржувањето на седницата имало многу процедурални повреди, а за тоа правата ќе ги остваруваат пред Управниот суд, каде ќе бараат судска заштита.
Од Академијата за А1он велат дека на вчерашната седница, на која се разгледуваше претставката од кандидатката за претседател на Македонија, Гордана Силјановска Давкова за кршење на изборните правила меѓу другото имало и судир на интереси кај неколку членови, меѓу кои и член кој бил пријавен на тековниот оглас.
„Сериозна процедурална повреда на Законот за спречување корупција и судир на интереси е тоа што тројца членови за кои имаше индиции на судир на интереси не се изземаа од постапување во конкретниот случај. Кога на Државниот советник, м-р Сања Пандилов и беше даден збор да се произнесе по наводите во претставката, истата се обрати до Претседателката на Комисијата и ја праша дали постапила согласно матичниот закон, односно дали побарала од членовите на Комисијата да пријават евентуален судир на интереси. Претседателката на Комисијата кажа дека не го сторила тоа, туку само дека двајца членови на Комисијата самите побарале изземање, за што Комисијата одлучувала и ги прифатила изземањата. Потоа, од страна на Државниот советник беше укажано дека кај уште тројца членови кои не се изземале постојат судир на интереси. Еден член на ДКСК, кој одлучуваше по претставката (Сервет Демири) беше пријавен на тековниот јавниот оглас за кој се однесува претставката и не се иззема од одлучувањето. Понатаму, друг член (Билјана Каракашова Шулев) е номинирана од страна на ДКСК за имплементација на 24 месечен проект кој го спроведува Академијата во соработка со Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал (УНОДЦ), а исто така нејзиниот маж согласно јавно достапен ревизорски извештај во 2017 година бил донатор во партијата чии кандидат за претседател го поднела приговорот против Академија. Третиот член кој требаше да се изземе од постапување е членот Цвета Ристова, која ист така предавала во Академијата во 2022 година и за истото има добиено соодветен надомест. Академијата побара членовите на ДКСК да одлучуваат по барањата за изземање, но од страна на Комисијата тоа беше одбиено. Оттука, се поставува прашањето дали членовите на Комисијата кои се изземаа се совесни и постапувале согласно закон или не сакале да учествуваат во однапред спремена политичка одлука по приговорот“, посочуваат од Академијата за судии и јавни обвинители за А1он.
Од Академијата тврдат дека Антикорупционерите не ги прифатиле ниту предложените сведоци од нив.
„ДКСК не ги прифати предложените сведоци од Академијата. Во одговорот на претставката, Академијата како институција чија една од основните дејности е регрутација на слушатели, идни судии и јавни обвинители, како сведоци ги предложи Претседателите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, кои требаше да ја објаснат итната потреба од регрутација на кадри во судовите и јавните обвинителства, меѓутоа ДКСК повикувајќи се на член 33 став 5 од Законот за спречување корупција и судир на интереси, иако согласно член 45 од Деловникот за работа на ДКСК Претседателот или членот на ДКСК во текот на постапката по конкретен предмет може да повика и други лица поврзани со предметот да дадат изјави и секакви дополнителни информации потребни за утврдување на фактичката состојба и носење на одлуката. Уште една процедурална повреда е тоа што ДКСК одлуката по приговорот ја донесе на нејавна седница, а јавната седница на која беше поканета Академијата беше од формален карактер. Фактичката состојба веќе беше претходно утврдена на нејавна седница, а на крајот од јавната седница, членовите воопшто не се ни повлекоа за да одлучуваат по претставката од претседателскиот кандидат, туку Претседателката на Комисијата само кажа дека се работи за нејзин предмет и ја прочита однапред подготвената одлука, а членовите на Комисијата гласаа по истата“, посочуваат од таму за А1он.
Меѓу повредите, како што тврдат од Академијата, било и кратење за три часа на рокот за одговор што им бил даден.
„Рокот за одговор што и беше даден на Академијата по претставката беше скратен за 3 часа. Денот кога на Академијата и беше доставена претставката (05.04.2024 година), државниот советник Сања Пандилов во 15:00 часот телефонски беше информирана дека вработен во Академијата треба да остане на работа вон работното време, со цел да прими претставка доставена до ДКСК против Академијата. Академијата ја прими претставката во 17:40 часот, а во Барањето на податоци и информации од ДКСК беше наведено дека потребно е бараните податоци и документацијата да се достават до ДКСК до 08.04.2024 година, до 14:20 часот. Со вака определениот рок за одговор, правото на Академија за одговор беше скратено за повеќе од три часа бидејќи согласно член 33 став 3 од (3) од Законот за спречување корупција и судир на интереси „Лицето може да се изјасни за наводите во приговорот, во рок од три дена од денот на приемот на приговорот“. Воедно, јавната седница беше закажа во неработен ден и покрај тоа што Комисијата можеше да го запази рокот 5 дена за одлучување по приговорот и седницата да ја закаже претходниот ден (вторник, 09.04.2024 година). Академијата укажуваше уште во одговорот на претставката и бараше седницата да биде одложена за во четврток (11.04.2024 година) согласно одредбите од Законот за општата управна постапка според кој ако рокот паѓа во неработен ден или на државен празник, или во друг ден кога јавниот орган пред кого треба да се преземе дејствието не работи, рокот истекува на првиот нареден работен ден. Комисијата не направи промена во денот на одржувањето на седницата, веројатно сметајќи дека Академијата нема да испрати претставник па на едноставен начин ќе може да ја потврди однапред донесената политичка одлука“, ни одговорија од Академијата.
Од таму најавуваат спорење на одлуката на Антикорупционерите и од материјален аспект, со став дека доказ дека не станува збор за класичен работен однос е тоа што по завршување на постапката со полагање на фазите од приемниот испит, кандидатите се упатени на управен спор пред Управните судови, а не на работен спор пред граѓанските судови.
„Од овие причини, Академијата по добивањето на Одлуката од ДКСК во законскиот рок ќе поднесе тужба и истата ќе биде заснована на факти, а не на политички маркетинг, невистини и инсинуации како што беше случајот со јавната седница, кога претседателскиот кандидат се повикуваше на некакви писма и изнесуваше разни шпекулации и измислици, а на Академијата и беше ускратено правото на одговор по истите. Академијата искрено верува во институциите на системот и ќе ја почитува одлуката во Управниот суд и согласно истата доколку биде уважена тужба на АСЈО ќе продолжи со Приемниот испит, за што благовремено ќе ги извести кандидатите“, велат од таму за А1он.
Вчера, членовите на Антикорупциската комисија едногласно, со 5 гласа ЗА одлучија дека Академијата за судии и јавни обвинители со конкурсот и тестирањето на кандидатите за судии и обвинители го прекршува законот, на начин со кој се отворала вратата за вработување на идни судии и обвинители со постапки, во изборен период. Ставовите пред Комисијата си ги бранеше самата Силјановска Давкова од едната страна и директорката на Академијата, Наташа Габер-Дамјановска од другата страна.