Спорот за името бил главната тема на средбата во Њујорк, меѓу генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун со грчкиот вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, кој ја предводи грчката делегација на годинашното Генерално Собрание на Обединетите нации.
– Соговорниците разменија мислења за перспективите за решавање на спорот за името меѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија, вклучително и исходите од неодамнешната посета на личниот пратеник на генералниот секретар, Метју Нимиц, пишува во соопштението од кабинетот на Бан.
Се додава дека тема на разговор било и очекуваното продолжување на разговорите за статусот на Кипар наесен, како и состојбата во Сирија.
Засега не е најавено дали во Њујорк ќе има средба меѓу претставници на македонската и на грчката делегација. Македонската делегација ја предводи претседателот на Владата Никола Груевски, а во неа е и министерот за надвошрени работи Никола Попоски.
Нема потврдени средби ниту со посредникот во разговорите, Метју Нимиц, за кого се знае само дека утре ќе се сретне со евро-комесарот задолжен за проширување Штефан Филе.