Ова е единствен исправен пат ако сакаме пристојна и, би рекол, здодевна европска демократија. Заради нашата подобра иднина, очекувам масовно гласање уште на 24-ти зашто тој резултат ќе ни каже кој ќе биде победникот и на 8 мај, рече кандидатот за втор претседателски мандат Стево Пендаровски на вечерашниот митинг во Прилеп.
Во првиот негов мандат кој, рече, бил во прилично тешки години со пандемија и ненаклонет меѓународен контекст, и покрај сите околности земјава стана членка на НАТО.
Зачленувањето во Алијансата, според него, е „работа еднаква на референдумот за независност во 1991“, со што веќе никој не може да „си игра играчки“ со нашиот интегритет и суверенитет.
– Се погодија луѓе што успеаја тоа да го направат, и тоа се луѓе од структурата во која сум и јас. Го зацементиравме македонискиот јазик и идентитет, истакна Пендаровски.
Порача дека ќе бидеме и членка на ЕУ и „може да бидеме како Словенија но ни треба слога“ и „само ако не се глодаме меѓу себе“ ќе имаме стандард, високи плати и мала невработеност, што ќе ги спречи младите да се иселуваат зашто и овде ќе имаат достоинствен живот.
Ако Македонија во догледно време не стане членка на ЕУ, рече тој, сами не ќе можеме да го спречиме во поголем процент иселувањето.
– Затоа е императивно на достоинствен начин да влеземе во ЕУ. Не треба да ни се одземе кои сме и што сме, јазикот и идентитетот ни се гарантирани…Опцијата за која се застапувам и за која живеам не може да не врати повторно во балканската кал, туку во просперитетна европска средина. Затоа заокружете 1, Македонија не смее да се враќа назад, туку да оди само напред, истакна Пендаровски.
Според него, ова нема да бидат историски избори бидејќи „нема дилема зашто се е јасно со бела и црна понуда“, но, како што рече, „постои опасност од главната опозициска партија која нуди враќање назад“.
-Ниеден договор не им чини. По 23 години од Рамковниот договор сакаат и него да го менуваат. Сакаат Преспанскиот да го вратат зашто им пречи името Северна Македонија. А не им пречи на нивните функционери да земаат плати и да имаат мандати под тоа име. Не им пречи Северна да дојдат на власт, рече Пендаровски, додавајќи дека оваа гарнитура ги отвори преговорите со ЕУ, а од другата страна, рече, се квазипатриоти што сакаат „да се дограбат до власт“.
Во својот говор тој вети дека и во идниот мандат, како во петте години од првиот, зад него ќе нема „црна дамка“.
-Затоа што немам афера во која сум бил инволвиран, ниту јас ниту моите соработници, и така ќе биде и до крајот на вториот мандат. Како што реков пред пет и пред десет години, ќе бидам претседател на сите, без разлика на припадноста зашто гледам кој е човек, па и нелуѓето ги примам, секој кој има мака да му помогнам или да ми каже сугестија да решиме проблем, рече Пендаровски.
За него единствен страв на овие избори е што опозицијата, наместо заедништво и сплотеност, влече назад.
-Една опасност доаѓа од опозиционата страна и на тоа предупредувам. Говорам за главната опозициска партија која нуди враќање назад. Ниеден договор досега не им чини. И по 23 години сакаат да го менуваат Рамковниот договор. Им пречи името Северна Македонија, а не им пречат функционерските плати што ги земаат, рече Пендаровски.
Веднаш по изборите мора да се решат односите со Бугарија.
-Бугарската политика направи катастрофална грешка со нас, Македонците, и кон Македонија. За жал, нашиве таканаречени домашни патриоти, од свои причини, за да се дограбат до власта, а потоа ќе му ја мислиме, практично се солидаризираа и ги поддржаа напорите на таа наша сосетка која нѐ блокираше. Ние мораме да направиме сѐ, по овие избори тоа да го деблокираме, затоа што не ни се пишува добро ако самите се обидуваме, оваа бела чума, да ја спречиме. Децата овде може да просперираат само ако имаат пристојни услови за достоинствен живот, рече кандидатот за претседател Стево Пендаровски.