Пронајдена е 21-годишната Енкеледа Чела која вчера беше пријавена за исчезната. Информацијата ја сподели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
– Во врска со настанот кој ја вознемири јавноста, а се однесува на исчезнувањето на лицето Е. Ч. (20) од Република Албанија ја информирам јавноста дека од страна на СВР Скопје во 18:05 часот лицето е пронајдено во близина на хотел Белви во добра здравствена состојба. Од страна на полициски службеници од СВР Скопје ќе се изврши разговор со лицето во врска со причините за исчезнувањето, напиша Тошковски на социјалните мрежи.
Девојката која е Македонка од Голо Брдо на студии во Скопје, за исчезната ја пријавија пријателите откако ноќта меѓу петокот и саботата не се вратила во домот каде што престојувала во скопската населба Илинден. Тие објавија повик за помош на социјалните мрежи. Ги информирале и нејзините родители кои веќе пристигнаа во Скопје.