Претседателот Ѓорге Иванов денеска ќе го посети манастирот Трескавец кај Прилеп, во кој во февруари годинава избувна пожар и изгореа конаците, а беа спасени црквата „Успение на Пресвета Богородица” од 13 век и трпезаријата која датира од 14 век.
Со околу 1,5 милион евра преку Министерството за транспорт и врски е изграден пат до манастирот во должина од 7,5 километри.
Манастирот Трескавец изгоре до темел пред три децении, но манастирското богатство темелно беше обновено во автентичен стил со донации од граѓани и од прилепски фирми.
Манастирот Трескавец е сместен на десетина километри од Прилеп, на падините под врвот Златоврв. Во манастирскиот комплекс е и црквата „Успение Богородичино“. Манастирот има конаци и трпезарија. Издигнат високо над карпите во планината, дава прекрасна глетка на околните планини Баба, Бабуна и Кајмакчалан и над Пелагонија.
Се претпоставува дека е изграден во 12-ти или 13 век. Неговата разновидна архитектура укажува на разни обновувања и уривања. Подоцна бил надограден во 14 век. Во црквата се зачувани значајни византиски фрески, како и кујната и трпезаријата од 14 век.
Во манастирот често доаѓаат туристи и планинари. Најпосетуван е за празникот Успение на Богородица (Голема Богородица) – 28 август.