Техничкиот премиер Талат Џафери денеска најави дека утре ќе разговара со директорот на Центарот за управување со кризи и лидер на партијата „Достоинство“ Стојанче Ангелов откако тој во неделата најави дека излегуваат од коалицијата предводена од СДСМ.
– Доколку јавно најавил дека не е зад владината програма, од формален аспект секако дека како премиер ќе започнам одредени постапки во однос на кадровското решение, ќе донесам и соодветна одлука. Секако дека тоа што се вели на телевизија не е за започнување на постапка, но јас утре директно ќе комуницирам со директорот. Така што како ќе биде, сметам дека ќе заврши со разрешување, нема друг начин, а за тоа дека сме во изборен период тоа треба да го реши друг орган, изјави Џафери одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Теарце.
Најавата за излегување на „Достоинство“ од коалицијата, денеска ја коментираше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој не даде коментар за неговото разрешување, но оцени дека иницијативата на Ангелов не е проблематична.
– Сега е време за пазарење, одговори Ахмети на новинарското прашање.
Лидерот на „Достоинство“ во неделата во изјава за медиумите рече дека поради неисполнети очекувања за надминување на проблемот со кој сѐ уште се соочуваат необесштетените воени инвалиди и петнаесетина семејства на загинати бранители, „Достоинство“ ќе излезе од коалицијата. Иницијативите на „Достоинство“ поднесени до Владата и Собранието, со кои, како што рече, нуделе решение на овој проблем, добивале постојана поддршка од страна на поранешниот премиер, Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, но, според нив, поради противењето на ДУИ, истите не поминале. Ангелов информираше дека раководството на партијата донело одлука да ја прифати можноста да влезе во коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ.