Со новите измени на Законот за плата на избрани и именувани лица и по одлуката на Владата за утврдување на коефициентите за пресметка на платите на функционерите, на 157 од нив ќе им биде намалена платата, но националниот координатор за следење на реализацијата на програмата на Владата е добива поголема плата и од министрите.
Со последната одлука 13 национални координатори во Владата ќе добиваат по 2,87 просечни плати, а Мартин Попов, поранешниот шеф на кабинетот на екс премиерот Димитар Ковачевски, како национален координатор ќе добива 3,4 просечни плати или околу 125 илјади денари месечно.
Платата на функционерите се добива откако основицата која е всушност просечната плата за 2023 година во восина од 36.614 денари, ќе се помножи со коефициентот, во случајов по 3,4.
Со Одлуката се намалуваат коефициентите на платите на именувани функционери во Владата, национални координатори и други функционери, на директори и други именувани лица на органи во состав на министерствата, на директори и други именувани лица на самостојни органи на државната управа, на раководни лица во управни организации, агенции, фондови и други правни лица основани со посебни закони, на казнено-поправни установи итн.
Платата на премиерот, во моментов на техничкиот премиер Талат Џафери ќе изнесува 3,92 просечни плати, наместо 4,5 и тој ќе зема околиу 143 илјади денари. Вицепремиерите ќе имаат намален коефициент од четири на 3,48, додека министрите и генералниот секретар на Владата наместо 3,7 ќе добиваат 3,22 просечни плати.
Директорите на агенциите на Владата, како и директорите на органите во рамки на министерствата како УЈП, Финансиска полиција, Царинска Управа, Биро за јавна безбедност, Државни инспекторати ќе добиваат плата во висина од по три просечни плати.