Приведен шефот на Љубљанска банка: Со инсајдерски информации купувал акции во „Меркатор“
Словенечката полиција вчера го приведе директорот и шеф на Управата на Новата Љубљанска банка, Јанко Меѓ поради сомнеж дека илегално користел инсајдерски информации за тоа дека „Агрокор“ сака да го преземе „Меркатор“.
Полицијата изврши претрес и во канцеларијата на Франк Архар, кој беше словенечки преговарач во случајот Љубљанска банка.
Соработка со Хрватска
Полицијата не ги соопшти имињата, ниту пак фирмите кои што се вмешани во скандалот, но според неофицијални информации словенечките медиуми пренесуваат дека станува збор за Меѓ, кој во 2011 година беше прогласен за „млад менаџер на годината“ и кој до 2012 беше член на Управата на словенечкиот „Уникредит“.
Истрагата е покрената по анонимна пријава во 2009 година, а словенечката полиција веќе соработува со хрватската власт.
-Лицето кое што е осомничено е поранешен вработен во финансискиот сектор на банката. Осомничениот работел во групата, која при извршување на банкарските работи на подрачјето на нашата и соседните држави дошле до информации дека една фирма од соседството планира да преземе друга од Словенија. Информација пак имала влијание на цената на хартиите од вредност, кои котираат на пазарот во Република Словенија. Врз основа на информацијата банките започнале да купуваат хартии од вредност од словенечката фирма, по пониска цена од онаа која што беше предвидена за преземање на таа фирма – рече шефот на истрагата, криминалистот, Роберт Слодеј.
Тој појасни дека е тешко да се процени колкава е финансиската добивка на осомничениот, со оглед на тоа што разликата помеѓу набавната и продажната цена на акциите варира, но дека му се заканува затворска казна од пет години.
Непознати клиенти
Сплитската банка, односно нејзините непознати клиенти преку затворените сметки моментално имаат 10,5 проценти сопственост од „Меркатор“ и се трет најголем сопственик на тој ланец, зад „Пивоварна Унион“ со 12,3 проценти и „НЛБ“ со 10,8 проценти.
Медиумите пишуваат дека Сплитската банка, односно затворените сметките на нејзините клиенти се забележани во акционерската книга на „Меркатор“, во почетокот на 2011 година. Од тогаш бројот на акции на „Меркатор“ на тие сметки, од кои барем еден припаѓа на Хрватскиот пензиски фонд АЗ, расте.
Целиот пакет акции на „Меркатор“, кој во моменот се наоѓа на затворената сметка на Сплитска банка е вреден 36,06 милиони евра, доколку се земе моменталната цена од 90, 60 евра за акција.
Словенечката полиција вчера на работното место го посети и претседателот на Надзорниот одбор на Нова Љубљанска банка, Франк Архар.
Седум локации
Иако словенечките медиуми јавија дека и тој е приведен, информацијата се покажа како неточна, бидејќи Архар тврди дека криминалистите само го испрашале и тоа во својство на сведок. Поранешниот гувернер на словенечката банка и еден од највлијателните банкари, беше претседател на Управниот одбор на „Уникредит“ банка, во време кога таму беше и Меѓ, а младата банкарска надеж Архар го следел и во Новата Љубљанска банка.
Меѓ минатата година беше во Надзорниот одбор на НЛБ, а пред година дена работеше и како лидер на банката.
Полицијата вршеше истрага на седум локации вклучувајќи приватни и бизнис простории во Љубљана и Крањ. Во акцијата учествуваа 32 извршители на Националната канцеларија за истрага, а имаа помош и од форензичари од Цеље и Љубљана. Криминалистите утрото биле и во седиштето на новата Љубљанска банка и во домот на Меѓ, а Анхар го нашле во Здружението на банки на Словенија.
Работењето на „Уникредит“
-Утрово кога дојдов на работа ме пречекаа две непознати лица и ми рекоа дека имаат налог да извршат претрес во канцеларијата, компјутерот и пишаните документи во врска со работењето на „Уникредит“ со акциите на „Меркатор“-изјави Архар.
Тој додаде дека криминалистите го испрашувале како „Уникредит“ банка дошла до акции на „Меркатор“.
Осигурување за кредит
Исто така тој наведе дека банката која што денес има 8,01 процент акции на „Меркатор“ немала намера да работи во словенечкиот трговски ланец, туку акциите добила бидејќи сопственикот на „Меркатор“, Истрабенз ги користел како осигурување за кредит кој не можел да го плати.
Елена Георгиевска