Инспекторите од денеска ќе ги засилат контролите на трговците и производителите за да утврдат и санкционираат евентуално драстично поскапување на прехранбените производи кои од денеска се продаваат без гарантирана цена.
Инспекцискиот совет најави дека ќе ја следи состојбата со цените на прехранбените производи по прекинување на важноста на мерката за гарантирани цени, но порача и дека треба малку да се остави и на совеста на производителите и на трговците кои треба да бидат во функција на граѓаните.
– Сведоци сме дека Државниот пазарен инспекторат во изминатиов период беше активно на терен и тоа најдобро можеа да го почувствуваат граѓаните бидејќи постојано ги контролираше гарантираните цени. Сега малку да оставиме и на совеста на субјектите на надзор, односно на производителите и на трговците. Во очекување сме на донесување на системско решение на Законот за забрана на нефер трговски практики особено во трговијата со земјоделски и прехранбени производи. Секако, инспекторите од Пазарниот инспекторат и понатаму будно ќе ја следат ситуацијата на терен и се надеваме дека и субјектите на надзор, односно маркетите ќе бидат во функција на граѓаните, изјави вчера претседателката на Инспекцискиот совет Даниела Рендевска.
Директорот на Пазарниот инспекторат Горан Трајковски, пак, најави дека ќе биде санкциониран секој кој ќе применува нечесни трговски практики. И тој апелираше до трговците на мало и на големо, да бидат општествено одговорни и да ги прилагодат цените во согласност со стандардот на граѓаните.
-Никој не е над законот, а оној кој ќе применува нечесни трговски практики и ќе ги прекрши законите, ќе биде санкциониран, а во зависност од сторениот прекршок, заклучно со денес, постои можност и за затворање на објекти за вршење дејност на определен временски период, истакна Трајковски во објава на Фејсбук.
Претходно, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи порача трговците да се однесуваат етички, но и да реагираат Комисијата за заштита на конкуренцијата и Организацијата за заштита на потрошувачите. Најдоброто решение, како што укажа, е да се донесе законот против примена на нефер трговски практики, што е во Собранието.
Од Министерството за економија исто така соопштија дека ќе се чека да се изгласа законот и оти со него ќе се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата и ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи. Предложениот закон ја помина првата фаза во Собранието.
Голем број прехранбени производи означени со „гарантирана цена“ од 20 септември лани се продаваа во маркетите по цена за 10 проценти пониска од износот на 1 август лани, согласно одлуката на Министерството за економија, чија важност заврши.