Налепници со „NМК“ по цена од 50 денари за парче или „Две за 100“ и за предната и за задната регистрација, нелегално се продаваат на интернет.
Неколку огласи веќе се појавија и низ социјалните мрежи. А според некои информации и во продавници во скопски Чаир, можело да се набават за слична цена.
Граѓаните кој не сакаат да чекаат на ред во техничките прегледи за да добијат налепница добија начин како лесно да стасаат до неа.
Откако се објави дека сите возила мора да имаат налепница НМК, во станиците за техничките прегледи се создадоа гужви. Таму налепниците се бесплатни, но сепак мора да се мине процедура.
Да се пополни барање, а потоа налепницата на возилото мора да ја залепи вработен во станицата за технички преглед. Ова создаде гужва и на првиот ден откако се објави мерката, низ техничките прегледи низ градот се чекаше и по час.
Гужвите се намалија до крајот на денот, но не поради брзата реакција туку поради фактот што снема налепници.
Според последните информации, налепници има во сите технички прегледи сега, но процедурата останува иста.