Учениците од Основното училиште „Тодор Јанев“ во Чашка, од утре се враќаат на настава. Под покровителство на премиерот Талат Џафери, во координација на Министерството за образование и наука, а со учество на пратениците од сите политички партии, претставниците на локалната самоуправа и засегнатите страни, информираме дека изнајдено е решение за продолжување на воспитно – образовниот процес во ова училиште, за сите ученици и тоа на нивниот мајчин јазик, извести владината прес служба.
„Наставата за сите ученици од ова училиште времено ќе се реализира во постојниот објект, односно до крајот на учебната година и по адаптирани наставни програми, со цел совладување на материјалот кој е пропуштен поради неодржувањето на часовите во изминатиот период. Решението на горливиот проблем, кое во форма на спогодба е потпишано од министерот за образование и наука, градоначалникот на Чашка и директорката на училиштето, предвидува враќање на одземените ингеренции на градоначалникот во делот на управување со училиштето од страна на Министерството за образование и наука, како и изградба на нов училишен објект, како трајно решение на предизвикот кој го доведе во прашање образованието на мајчин јазик на учениците од оваа општина.
Изградбата на објектот ќе биде заедничка обврска на министерството и општината. Чашка ќе отпочне иницијатива за основање на нов правен субјект, ќе обезбеди локација и комплетна урбанистичко – планска документација, додека МОН ќе обезбеди финансиски средства и ќе го реализира инфраструктурниот проект. Новото училиште треба да биде изградено до крајот на тековната календарска година“, се вели во соопштението.