Комисијата за избор на нов универзален снабдувач со електрична енергија на домаќинствата ги отвори понудите на „ЕВН Хоум“, на државната „ЕСМ“ и грчката компанија ЕДС која е компанија ќерка на грчкото државно електростопанство ППЦ, но само за да ги разгледа дали се комплетни и дали ги исполнуваат сите критериуми од тендерот, но се уште не објавува кога ќе биде закажана електронската аукција.
Главниот услов беше да се понуди пониска профитна маржа од 11,5% колку што изнесува сега од актуелниот универзален снабдувач „ЕВН Хоум“, а тој услов го исполнија сите три компании.
Два клучни услови кои ги немаше во претходниот јавен повик пред пет години кога „ЕВН Хоум“ беше избран за универзален снабдувач, беа фирмата да има работен капитал од 40 милиони евра и позитивен биланс во последните три години.
„А1он“ праша зошто е направена оваа промена, но одговор од Владата нема.
Владата формираше и комисија составена од вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, претставници на Регулаторната комисија за енергетика, Министерството за економија и Македонската академија на науките и уметностите, а претседател е академик Глигор Каневче.
Сега следува негативно наддавање кое ќе треба да резултира со избор на најниската маржа која би влијаела на намалување на цената на струјата во втората половина на годинава.
Вицепремиерот за економски прашања Битиќи информираше дека во следните 10 дена ќе се одлучи кој ќе го добие бизнисот врз основа на најниска профитна маржа.
„Да, тоа е една од идеите дека најниската маржа влијае на цената на сметките за електрична енергија за крајните потрошувачи, треба да се намали. Сепак, правиме напори да создадеме капацитети за обновлива енергија со сите инвестиции и да ја трансформираме зелената енергија, за граѓаните да имаат најниски можни сметки за електрична енергија како крајни потрошувачи“, рече Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.
Досегашниот снабдувач „ЕВН Хоум“ и „ЕСМ Продажба“ во старт понудија за 0,1 процентен поен пониска маржа од сегашната, која изнесува 11,5%. Нешто повисока е понудата на грчки ЕДС, кој бара маржа од 11,45%. Компанијата ЕДС најави дека во текот на негативното наддавање е подготвена да понуди значително помала маржа од актуелната.
Кој ќе го добие вносниот бизнис со продажба на струја на над 800 илјади домаќинста и мали потрошувачи, ќе се знае на крајот на јануари.