Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити присуствуваше на отворањето на новата поликлиника „Сарај“ којашто ќе опслужува над 45.000 жители од овој регион на градот.
„Голема е честа утрово заеднички да го промовираме отворањето на новата Поликлиника Сарај, која ќе опслужува над 45 илјади жители во овој дел од градот. Би сакал да истакнам дека ова е заеднички успех со кој треба да се гордееме“, рече Меџити.
Според него станува збор за инвестиција во вредност од 79 милиони денари, обезбедени од Министерство за здравство.
„Поликлиниката во Сарај ќе обезбедува здравствена заштита за граѓаните од над дваесеттина населени места (меѓу кои Бојане, Матка, Копаница, Чајлане, Буковиќ, Кондово, Љубин, Радуша, Шишево, Горно и Долно Свиларе, Грчец, Крушопек, Ласкарци и други). Досега, пациентите од оваа општина ги користеа здравствените услуги во најблиската поликлиника Ѓорче Петров“, додаде Меџити.
Новата поликлиника ќе биде дел од Здравствен дом Скопје, со што ќе придонесе за уште поефикасна здравствена заштита на населението во делот на примарното здравство.