Управување со отпад и климатски промени, е тема на меѓународната конференција, што започна денеска во Скопје, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми на отворањето на конференцијата ги нагласи фактите поради кои управувањето со отпадот е значајно како на национално, така и на локално ниво, посочувајќи дека тоа не смее да биде занемарено.
– Отпадот придонесува со помалку од 5 отсто од глобалните емисии на стакленички гасови. На глобално ниво емисиите од овој сектор во развиените држави се помалку од 3 проценти, а во земјите во развој и неразвиените, од 4-6 проценти, истакна Адеми.
Според него, брзиот раст на населението и урбанизацијата во земјите во развој се причината за зголемување на емисиите на стакленички гасови од отпад, посебно на метанот од депониите и на метан и азотен оксид од отпадните води. Во Македонија, како што рече министерот, секторот отпад емитира 933 килотони ЦО2 еквивалентен или 6,9 отсто од вкупните емисии на стакленичките гасови во земјата.
Директорот на ЈП „Комунална хигиена-Скопје“ Ракип Дочи истакна дека во Скопје се прави селекција на примарното место на настанување на отпадот. Иако досега е во помал обем, тој посочи дека ќе се направат напори да се селектира целиот отпад кој се создава а изнесува од 400 до 500 тони дневно.
– Статистиката вели дека до 50 отсто од отпадот е биоразградлив, и тој дел од отпадот мора да се третира на соодветен начин бидејќи е еден од причинителите за емисии на стакленичките гасови како што е метанот а тој предизвикува ефект на стаклената градина, истакна Дочи.
Одговарајќи на новинарско прашање Дочи рече дека 95 отсто од граѓаните на Скопје се совесни и даваат голем придонес во правилно постапување со отпадот, но малиот процент на несовесно третирање на отпадот придонесува за намалување на нивото на хигиена во Скопје.
На конференцијата во четири сесии ќе се дискутира на темите за управување со отпад во насока на негово искористување за енергетски цели, влијание на отпадот врз климатските промени, институционални аспекти и инфраструктура за имплементирање на системи за управување со отпад и современи пристапи во изградба на „безбедни“ депонии и одлагање комунален и индустриски отпад.
Меѓународната конференција која се одржува по трет пат, преку предложените трудови треба да даде одговор и насоки на работење на јавните комунални претпријатија во Македонија, кои се одговорни за собирање на отпадот кој е последица на човековите активности. Влијанието на управувањето со отпадот врз климатските промени и инфраструктурата се сметаат за особено значајни и постојат закани кои не треба да се игнорираат.
Конференцијата е организирана во соработка со АДКОМ-Здружение на даватели на комунални услуги на Република Македонија, ЈП Комунална хигиена – Скопје, Дрисла ДОО-Скопје, со финансиска поддршка на АТРИК – Љубљана, ПАКОМАК Скопје и ГИЗ-Германско друштво за интернационална соработка.