Анализите на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека 45 отсто од загадувањето доаѓа од домаќинствата, но дел и од јавните институции кои не користат еколошки системи за затоплување.
– Знам дека се гореле дрва и ќе се горат. Но, граѓаните барем да користа суво дрво, не влажни и да не се додаваат други материјали во горилниците. Анализите се јавни, 45% од загадувањето доаѓа од домаќинствата. Процесот на замена на системите во јавните институции ќе трае, но ќе заврши за неколку години. Мапирањето го правиме година дена, добиваме информации од сите, а изминатите три години помогнавме со изработка на катастри и планови за воздух кај општините за да се идентификуваат загадувачите.
Во 70-ина институции во наредните две години ќе ги замениме системите. Процесите не одат толку брзо, но тоа не значи дека треба да застанеме на овие 70, изјави министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.
Министерството нема добиено официјални информации од општините за преземените мерки, но неофицијално Шукова потврди дека најголем дел од советите на општините имаат донесено сетови на краткорочни мерки кои треба да ги спроведат во текот на зимските месеци.