Наместо да се истоштуваме во идеолошките и културни војни, да се сплотиме во напорите да создадеме праведно и хумано општество со јасни морални вертикали. На тој начин не само што ќе ја надминеме агонијата и ќе ја ублажиме кризата, туку и ќе ја вратиме надежта под македонското небо, истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќање на предновогодишниот прием за црквите, верските заедници и религиозни групи што синоќа го приреди Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.
Соживотот, посочи претседателот, не се гради само со размена на куртоазни пораки и честитки, туку, пред се, низ лични релации и пријателства.
– Преку соработката во Меѓурелигискиот совет, преку групата на пријателство помеѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Исламската верска заедница, вие на најдобар начин го заштитувате соживотот од провокациите на недобронамерните поединци. Со тоа давате пример за целото македонско општество, како можеме да живееме заедно и покрај нашите разлики во верата и во убедувањата, рече Пендаровски.
Прашање за секој еден од нас, како што наведе, е како да излеземе од агонијата на безнадежноста и како повторно да ја вратиме надежта во македонското општество.
– Верските заедници и религиозните групи се дел од решението на горливиот проблем. Во една секуларна држава, каква што е нашата, верските заедници ниту можат, ниту пак тоа е нивна задача, да ја санкционираат корупцијата, бидејќи тоа е работа на надлежните државни институции. Но, верските заедници можат да постигнат нешто многу поважно, а тоа е – апелирајќи на совеста и инсистирајќи на личниот интегритет, верските заедници можат да ги развиваат добрите навики во срцата на верниците. Со тоа, можат да создадат критична маса на духовно трансформирани поединци кои ќе го трансформираат духот на општеството и ќе ја направат корупцијата, барем за еден дел од верниците, неприфатлива, па дури и одбивна, порача шефот на државата.
Тој ја истакна институционалната поддршка од Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи која според него има незаменлива улога да помага во премостувањето на поделбите во општеството, да бара точки на поврзување и со тоа да ја негува културата на верска толеранција и почитување на религиозната различност.
Посочи и на дијалогот, како што рече, не само меѓу религиозните деноминации, туку и меѓу теистите, атеистите и агностиците, а кој подразбира конверзација, а не конверзија.
– Отвореноста на меѓурелигискиот дијалог не нè води нужно кон напуштање на сопствените и прифаќање на различни уверувања, туку, кон подготвеност истите да се разберат и почитуваат, претседателот Пендаровски.