Откако бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел рече дека услов за продолжување на европскиот пат на Македонија не се само уставните измени, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, одговарајќи на новинарско прашање и возврати дека во заклучоците на Европскиот совет нема други услови освен внесувањето на Бугарите во Уставот.
Габриел претходно изјави дека Бугарија нема билатерален проблем со Македонија во однос на интеграцијата во ЕУ и оти услов за продолжување на европскиот пат на Скопје не се само уставните измени туку и почитување на Договорот за пријателство и добрососедство и двата протокола.
– Изјави имало и ќе има и понатаму, но битно е што пишува во заклучоците на Европскиот совет. Во нив пишува дека штом се направат уставните измени веднаш без одлагање и нова политичка одлука, што е многу важно, ќе има втора меѓувладина конференција на која ќе се отвори првиот кластер.
Во поширока смисла Договорт за добрососедство и Преспанскиот договор се дел од преговарачка рамка за односите со соседите, но тоа не е услов за отворање за првиот кластер. Единствен услов за отворање на првиот кластер се уставните измени, а секоја друга изјава за тоа ја гледам како политички став – рече Маричиќ.
Во однос на тоа дали Албанија ќе биде раздвоена од Македонија на патот кон ЕУ, Маричиќ рече дека за секоја држава дали ќе оди понатаму зависи од консензусот што ќе го постигнат сите членки.
– Ние сметаме дека секоја држава што ќе оди напред е добра вест за нас, лоша вест е што ние нема да одиме. Во овој момент нема согласност Албанија да продолжи, но доколку продолжи само ќе и честитаме – додаде вицепремиерот.