Жителите на скопската населба Тафталиџе се револтирани од презентациите на Општина Карпош за изгледот на новиот комплекс згради кај поранешната фабрика Алумина затоа што гигантската градба во најава е во спротивност на она за кое алармираат со години, дека по вселувањето на новите високи згради цела населба има проблеми со водоводот, електричната енергија, сончевата светлина и сообраќајниот метеж.
Новиот блок згради од 35 ката ќе влијае врз животот на граѓаните, врз нивното здравје и врз опшстествената заедница затоа што, според жителите, никој не прашува каде ќе учат децата на новите станари и што ќе предизвикаат блокови со 108 метри висина.
Од невладината „Борба за Влае“ ќе се направи огромен хаос во сообраќајот, поголем и од тој што го предизвикаа сите згради направени до сега на Прашка, а дополнително и зградата на Настел (а и тие околу ГУЦ и низ населбата).
„Општината одлучува да сподели визуелизации за просторот кои ги прават планерските куќи, а на нив им дава одврзани раце да изведат што сакаат на терен. „Carte blanche“ за самите изведувачи да си го планираат просторот и да прават колку сакаат објекти и каде сакаат, само под услов да се пониски од 35 ката или 108 метри. При ваков „инвеститорски урбанизам“ Општина Карпош ги фаворизира потребите на изведувачите, а на второ место ги става потребите на жителите“, сметаат од „Борба за Влае“.
Според нив, сите нови згради имаат еден кат повеќе од дозволената катност според ДУП-от иако и во двата Детални урбанистички планови има предвидени два блока во Алумина.
„Во стариот ДУП (донесен во 2016, укинат на Уставен суд во 2018) блокот објект за домување е висок 80 метри, а блокот трговски центар 105 метри. Во новиот предлог ДУП двата блока се високи 108 метри. Испаѓа инвеститорите, исто како и во секој нареден предлог ДУП за Кино Влае, се во ќар од укинувањето?!
Лага е дека во новиот ДУП за Пуцко Петрол се предвидуваат 8-катници, 11-катници итн. и дека само 2 згради ќе бидат 35-катници. Тоа беа само визуелизации, не беа ДУП кој би се носел на Совет. Спротивно на визуелизациите, овој предлог ДУП му овозможува, ако сака, целиот простор да го направи со еден голем блок од 35 ката или со повеќе 35-катници.
Општината намерно ги пушти сликите со рендери да ја залажува јавноста.
Она што го има во рендерите не е истото што го има во ДУП-от! Во ДУП-от во ниеден дел нема помали висини. Само 108 метри.
Ако изгледаа огромни зградите во рендерите замислете што ќе изгради Пуцко според ДУП-от кој му дава одврзани раце да прави какви сака згради од 35 спрата“, предупредија оттаму.
Активистите посочија за една нелогична и нефер постапка во планирање на ДУП-от за Алумина.
„Овој ДУП ги опфаќа плацот на поранешната фабрика Алумина и местото западно од неа каде сега има бараки + огромните згради (Импексел 2 на Неим Хусеини и DreamLux на Би Холдинг, фирмата на Хана Јахоска, ќерката на Исмаил Јахоски, сопственикот на Пуцко Петрол).
Онаму каде сега има бараки со сопственици планирани се згради од 4 до 9 спратови. Тоа е многу високо но не е ни приближно високо како просторот на Пуцко Петрол кај поранешна Алумина. Таму се дозволени згради од 35 спратови.
При споредба на стар и нов предлог ДУП се гледа дека новите објекти на местото од куќичките се намалени: од П+11+Пк и П+13+Пк во стариот ДУП на П+8 и П+3 во новиот ДУП. Која е логиката? Овде има многу жители засегнати. Ним им се намалуваат висините од претходен план, а кај Пуцко се пумпаат. Практично параметрите откај нив се претурени кај Пуцко.
Или ако можеме да се изразиме поинаку – Пуцко Петрол печали на грбот на луѓе кои живеат во трошни бараки“, објаснуваат од „Борба за Влае“.
Сите граѓани и организации кои сакаат да се обидат да го спречат процесот, може да поднесат анкетни листови до петок, 15 декември.