Владата во новопроектираниот буџет за наредната година предвидува зголемување на пензиите и на надоместот за социјална помош за 5 отсто од март и на платите во јавниот сектор за пет отсто од октомври, најави денеска премиерот Никола Груевски, во обраќањето пред бизнис заедницата.
Се планира и зголемување на додатокот за самохрани родители кои имаат деца со пречки во развојот за 50 проценти од јануари, а се воведуваат и додатоци за мобилност за квадриплегичарите (целосно неподвижни лица) во износ од 7.000 месечно и за целосно глувонеми лица од 4.000 денари месечно.
Подготовката на буџетот, како што рече, е во завршна фаза, за кој основните проекции се пораст на БДП од 3,2 отсто, инфлација од 3,3, отсто и дефицит од 3,5 отсто од БДП. Владата и во следниот перод ќе продолжи со спроведување дисциплинирана фискалана политика, што ќе резултира со одржување ниско ниво на јавен долг којшто во јули 2013 година изнесува 33,6 отсто од БДП и е четврт најнизок државен долг во ЕУ.
– Ќе продoлжиме со политиката на зголемување на капиталните инвестиции за реализација на крупни капитални инфраструктурни објекти, истакна Груевски.
Премиерот информира дека Владата пред неколку дена добила информација оти Ексим банката на Народна Република Кина и Министерството за трговија одобриле заем за изградба на автопатот од Скопје преку Свети Николе до Штип од 50 километри со преференцијална камата од 2 отсто, како и дека е во завршна фаза на одобрување заемот за автопатот од Кичево до Охрид и Струга од 57 километри под истите поволни услови што ни беа образложени. Заемот ќе го земе Агенцијата за патишта со рок на отплата од 20 години, од кои 5 години грејс период. Се очекува патиштата да почнат да се градат 3 до 4 месеци по одобрување од македонското Собрание. Износот на инвестциијата во овие два автопати ќе изнесува 574 милиони евра без ДДВ, а рокот за изградба е три години од почетокот на градба.
Според Груевски, за патот од Куманово до Крива Паланка кој е со вредност од 400 милиони евра и е проценет со најмала фреквентност со возила од сите патишта, засега се планира самореконструкција и проширување за што ќе се изготви проект следната година.