74 малолетници исчезнале за три години – Македонија нема систем за брзо алармирање, помош се бара на Фејсбук

Од:

Случајот со исчезнувањето на 14 годишната Вања ја разбранува македонската јавност. Девојчето тргнало вчера на училиште во 7 часот и 30 минути и оттогаш и се губи секаква трага. Девојчето исчезна среде бел ден во центарот на Скопје во населбата Дебар маало во центарот на градот. Полицијата веднаш ги активираше сите ресурси, разговарано е со повеќе лица, прегледани се снимки од камерите на околните локали и продавници, а по Вања се трагаше и цела ноќ. Во потрагата се вклучија и роднини на семејството, но од утринава и нејзини соученици кој лепеле постери нив центарот на градот во обид што повеќе луѓе да видат и ако некој има информација да и јави на полицијата.

Целосно стана на нозе и цела интернет заедница во Македонија. Илјадници луѓе на Фејсбук ја споделија информацијата дека е исчезната малолетната Вања. Кога некој ќе исчезне во Македонија, според досегашната пракса, блиските прво бараат помош од социјалните мрежи. Се објавува апел со фотографија, податоци каде и кога исчезнал и како бил облечен, како и телефонски броеви на кои можат да се јават граѓаните ако имаат некоја информација.

Сепак мора да се спомене дека и покрај ангажираноста на полицијата, но и на поединци преку социјалните мрежи, Македонија се уште нема организиран систем за алармирање за исчезнати деца.

Според официјалните податоци од МВР, во последните три години од 2020 до почетокот на овој месец биле исчезнати 74 малолетни лица. Од нив, 65 се пронајдени. Девет деца уште се водат како исчезнати.

Во соседна Србија веќе од минатиот месец функционира системот „Најди ме – Систем за рано предупредување за исчезнати деца“

Според овој систем кој е поткрепен и со закон, медиумите мора итно да ја прекинат програмата и да известат дека е исчезнато дете. Вчера повеќето македонски телевизии веста за исчезнувањето на Вања ја имаа или на крајот од вестите или воопшто ја немаа.

Според „ Тијанин закон“ во Србија со системот „најди ме“, медиумите мора веднаш да известат за исчезнувањето и на секој половина час да објавуваат фотографија од исчезнато дете.

Системот ќе функционира на начин што исчезнувањето на малолетниците го пријавуваат родителите или старателите, а одлуката за активирање на системот ја носи Министерството за внатрешни работи. Системот нема да се активира за секое дете чие исчезнување е пријавено, туку само кога постои сомневање дека е жртва на кривично дело.

Задолжително ќе се активира во случаи на исчезнување на деца до седум години, како и деца со пречки во развојот до 18 години.

Во случај на активирање на системот за исчезнување на малолетно дете, граѓаните ќе бидат известени со СМС порака, ќе се запрат телевизиските и радио преноси заради известувањето, а информацијата ќе се објави и на автопати, аеродроми, автобуски и железнички станици.

За воведување на системот во оваа земја се зборуваше од 2015 година, кога беше киднапирана и убиена тогаш 15-годишната Тијана Јуриќ од Суботица.

На воспоставувањето на системот соработуваат српските министерства за внатрешни работи, за информации и телекомуникации и за градежништво, транспорт и инфраструктура.

И Хрватска има „Нено Аларм“ од минатата 2022 година. Кога ќе исчезне дете, хрватската полиција ја известува компанијата Мета, која испраќа известување до граѓаните на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм – во радиус од 60 километри од местото каде што детето последен пат е видено.

Системот се користи и во повеќе европски држави – Белгија, Чешка, Франција, Германија, Грција, Малта, Ирска, Полска, Бугарија, Италија, Холандија, Бугарија.

Во САД, „Амбер Алерт“ за пронаоѓање деца, постои од 1996 година, а слични системи се воведени во многу земји, и според статистичките податоци, тие се ефективни во 90 проценти од случаите.  Зборот АМБЕР е акроним за America’s Missing: Broadcast Emergency Response. Предупредувањето е именувано по Амбер Хагерман, 9-годишно девојче кое беше киднапирано и убиено во Арлингтон, Тексас во 1996 година.

Ваков систем уште пред две години се обидува да заживее во Македонија, но се уште е на ниво на ангажман на невладини организации, а се уште нема нити законско решение ниту пак институции се вклучени како во соседството. За волја на вистината Министерството за внатрешни работи (МВР) дало поддршка на идејата. Се очекува да се вклучат и министерствата за труд и социјална политика, здравство и за образование.

Системот во Македонија е наречен „Најди ме“ воспоставен е од граѓанската организација „Новинари за човекови права“, во соработка и под проектен менаџмент на партнерската организација ЕКПАТ. При промовирањето беше кажано дека во план е да остварат соработка со банки, и во моментот кога ќе одите на банкомат да извадите пари, на мониторот да се појавува информација со слика и основни податоци за исчезнатото лице. Истото и со такси компании, јавниот градски превоз, мобилен оператор, на рецепција во хотелите и сите оние места каде има поголема фреквенција на луѓе.

Веќе функционира интернет страницата „Најди ме“ која споделува податоци на македонски, албански и ромски јазик, но иако страницата постои, не е заживеана целосно. На  najdime.org.mk може бесплатно да се креира профил за исчезнати лица. По внесувањето на податоците, автоматски се генерира слика, која може да се искористи за поддршка на полициската потрага. По желба, профилот на исчезнатите лица може да се објави и на нивната Фејсбук страница, Инстаграм и веб-страница. На крајот податоците на подносителите ќе бидат проверени од администратор, а потоа објавени.

Во план е во декември целосно да заживее, а дали ќе добие поддршка од институциите и законодавците за сето тоа да се поткрепи со закон, останува да се види.

Јавноста е согласна во едно – мора да сме брзи и организирани при исчезнување на дете, минутите се важни.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Власта на Мицкоски и ДПМНЕ не прифати покачување на платата на полицајците за 20 отсто

Осумдневен притвор за 32-годишен скопјанец поради „тешка кражба на дрзок начин“

А1он

Притвор за полицаец поради продажба на кокаин

А1он

Oткази за 15 високи службеници во МВР

А1он

Екс-директорот го украл ехо апаратот од болницата во Кичево

Партизацијата на МВР на дело, полицајци на партиски состаноци на ДПМНЕ обвинува СДСМ

Катерина Ѓуровски