Портпаролот на британскиот премиер Риши Сунак одговори дека „нема сомнеж“ дека Фолкландските острови се британски, откако новиот претседател на Аргентина рече дека е време да ги „врати“. Хавиер Милеи, кој беше избран за претседател на Аргентина во неделата, рече дека Буенос Аирес има „не преговарачки суверенитет“ над Фолкландските Острови.
Тој вети дека ќе ги врати по „дипломатски канали“. Сепак, портпаролот на британскиот премиер истакна дека прашањето за суверенитетот „е решено пред извесно време“. Аргентина долго време тврди дека има суверенитет над островите, британска прекуморска територија во југозападниот Атлантски Океан.
Двете земји влегоа во војна за ова прашање откако аргентинските сили ги нападнаа островите во 1982 година, пишува Би-Би-Си. Фокландите, познати во Аргентина како Малвини, се на речиси 13.000 километри од Обединетото Кралство и околу 500 километри од копното на Аргентина.
На референдумот во 2013 година, жителите на Фолкландските острови гласаа 99,8% да останат прекуморска територија на Обединетото Кралство. Официјалниот портпарол на Риши Сунак најави дека британската влада ќе продолжи „проактивно да го брани правото на жителите на Фокландските острови на самоопределување“.