Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми не отиде во Судскиот совет, каде беше повикана да ги образложи наводите дека имало политички притисоци врз судиите во највисокиот суд. Адеми преку соопштение им одговори дека поканата за работна средба на која би се елаборирале објавени написи во медиумите, а кои според неа се написи за состојбите во судството, треба да се вреднуваат како суштински придонес за независноста на судството.
„Би сакала да истакнам дека во согласност со европските стандарди и практики во врска со прашањата од висок јавен интерес, отвореното судство има превентивна улога во спречувањето на обидите за политички или други влијанија. Исто така, од особена важност е да се истакне дека за политичките влијанија и притисоци во судството, не се говори само во медиумските написи, туку и во релеватните меѓународни извештаи, кои ги оценуваат состојбите во судството. Констатациите во извештаите се континуирани и крајно сериозни. Имено, Европската Комисија во последниот извештај истакна дека важно е да се осигури дека судството е заштитено од каков било ризик на несоодветно мешање од надвор“, вели Адеми.
Според неа, политичките притисоци и влијанија се нагласени и во Извештајот на Прибе, а Стејт департментот нотира дека случаите на несоодветниот политички притисок врз судиите продолжиле да ја попречуваат ефикасноста и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото.
„Загрижувачка беше и констатацијата за недовербата кон Судскиот совет, за што мора да се посвети повеќе внимание во иднина. Политичките притисоци и влијанија како појава се нотирани и од граѓанските организации кои ја следат работата на судството. Преку медиумски написи, изјави или интервјуа, на постоење на политички притисоци или пак притисоци од другите власти, укажаа и судии, вклучително и судии на Врховниот суд на Република Северна Македонија“, пишува во соопштението на Адеми.
Таа смета дека и покрај укажувањата, јавноста нема добиено одговори дали Судскиот совет презел соодветни дејствија, појаснувајќи за какви притисоци се работело.
„За мене како Претседател на Врховниот суд како највисок суд во државата кој е носител на судската власт, а согласно член 3 од Законот за судовите, најважно е, посебно во овој клучен период за Република Северна Македонија, да ги остварам и заштитам целите и функциите на судска власт, а тоа е непристрасно применување на правото и на владеењето на правото. Цврсто сум убедена дека оваа недела и во следниот период, веднаш по добивањето на извештаите на Европската унија и на Оценската комисија за работата на Судскиот совет, ќе се отворат суштинските прашања за проблемите во судството, но и ќе се даде јасен патоказ за чекорите кои треба да се преземат понатаму. Констатациите од двата извештаи, вклучително и прашањето за политичките притисоци и влијанија набрзо ќе биде повод за размена на мислења и отворање на нова дискусија во рамки на работни настани и средби кои ќе дадат понатамошен придонес за владеењето на правото. Би сакала да ве информирам дека денеска, во овој предизвештаен период, веќе имам закажано настан со Коалицијата „Сите за правично судење“ на кој ќе биде потпишан Меморандум за соработка во кој се акцентира и значењето на независноста на судството и отпорноста од политичките влијанија и притисоци“, пишува Адеми во соопштението.
Судскиот совет пак, ја повика со образложение дека биле загрижени за наводите за притисоци. Од советот кажаа дека претседателот Сашко Георгиев ја чекаал Адеми и покрај тоа што беше најавено дека нема да се појави.