Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Израел е окупатор, а дека палестинскиот Хамас не е терористичка организација.
„Израелците беа многу навредени од ова. Турција ќе го претстави Израел на светот како воен злосторник. Сепак, главниот виновник зад сето ова што се случува (во Газа) е Западот. Го прашувам тој Запад, дали сакате да создадете атмосферата на уште една крстоносна војна? Оние кои леат крокодилски солзи над цивилите убиени во украинско-руската војна, сега немо ги гледаат убиствата на илјадници невини деца во Газа“, рече Ердоган, пренесува агенцијата Анадолија.
Претседателот на Турција рече дека Турција не одобрува напади врз цивили во Израел и дека Анкара е „тажна за секој цивил, но изгледа дека Израел не се грижи за тоа“.
„Израел, ти си осуден да бидеш сам. Им реков во Давос, знаете да убивате. Тие многу добро знааат да убиваат“, рече Ердоган.
Тој исто така изјави дека во име на својот народ ја поздравува одлуката на жителите од северниот дел на Појасот Газа да не ги напуштаат своите домови.
„Тие не треба да ги напуштат своите домови, градот, под налетот на бомбардирањето на силите на агресорот. Сепак, сите знаат дека Израел е само пион во регионот и ќе биде жртвуван кога ќе дојде време. Западот ги мобилизираше своите политичари. медиумите, да му дадат легитимитет на масакрот на невините луѓе во Газа. Израел врши воени злосторства“, рече Ердоган.
Тој рече дека е право на секоја земја, вклучително и на Израел, да се брани, но праша – каде е правдата.
„Овде не се работи за одбрана, туку за гнасен масакр што се случува во Газа“, рече турскиот претседател. На денешната средба присуствуваа 1,5 милиони луѓе.