Секое трето девојче на 15 години во Македонија (31 отсто) изјавува дека е осамено, a секое второ девојче на истата возраст вели дека во изминатите 12 месеци се чувствувала толку тажно и безнадежно, речиси секој ден во текот на две или повеќе недели, што прекинала да ги прави вообичаените активности, стои во анализата на Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа.
Ова се резултати од истражувањето спроведено во 2022 година во рамки на меѓународната ХБСЦ студија за однесувања поврзани со здравјето кај деца на училишна возраст (11, 13 и 15 г.).
Чести нерасположенија речиси секојдневно, во последните шест месеци, пријавиле 57 отсто од девојчињата на 15 години, а од психосоматски тегоби истовремено повеќепати неделно во последните шест месеци како болки во стомакот, главоболки, вознемиреност, раздразливост, проблеми со спиењето и концентрацијата, страдаат 6 од 10 девојчиња на 15 години.
Анализата беше објавена на Светскиот ден на менталното здравје.
Според податоците, во Македонија со возраста расте и бројката на млади од 11 до 15 години со нарушено ментално здравје, со најголем пораст кај девојчињата на 15 години.
Загрижувачки студијата покажува дека и задоволството од животот опаѓа со возраста од 11 до 15 години, и тоа кај девојчињата многу побрзо отколку кај момчињата.
Во поглед на ризичните однесувања на младите, типични за адолесцентниот период, како што се пиењето, пушењето цигари, тепачките и проблематичното користење на социјалните медиуми, се забележува растечки тренд со возраста.
Зголемени се и бројките на сексуалните искуства на младите на 15 години од Македонија. 30% од момчињата наспроти 5% од девојчињата (во просек) пријавиле дека се сексуално активни на таа возраст.
Овие бројки не се само бројки. Тие се одраз на нашето општество, нашите училишта, нашите домови. ова е повик за преземање итни мерки, вели Лина Ќостарова-Унковска, водечки истражувач на студијата за Македонија.
Студијата ХБСЦ открива и многу други скриени групи ранливи деца, како што се децата со хронични болести, со поинаков родов и сексуален идентитет, децата и младите засегнати од малтретирање, сајбер малтретирање, емоционално и сексуално злоставување.
Последните податоци покажуваат дека депресијата станува една од главните растројства кои го инвалидизираат човекот, не само кај нас, туку и во светот.
Истражувањето може да го погледнете на следниот линк –