На регионот му треба нова инфраструктура, бидејќи постојната нè држи во заложништво на стари хегемонии. Оној што ја менува географијата, ја менува и иднината. Поврзувањето на Јадранско-јонската магистрала со Коридорот 8 значи суштинско менување на географијата и иднината на нашиот регион.
Ова го истакна претседателот Ѓорге Иванов денеска во своето обраќање на 5. Регионален претседателски самит во Драч, Тирана.
Спојувањето на овие два важни патни правца, како што нагласи, создава услови за поврзување на одвоеното, отворање на затвореното, забрзување на бавното и развивање на неразвиеното.
Информира за неодамнешните разговори со хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ, кој како што рече, планира да го продолжи Брдо процесот уште во април 2014 во Загреб, во присуство на највисок претставник на земја-основач на Унијата.
– Времето е многу кратко. Затоа, апелирам да се усогласиме и да инсистираме оваа тема да биде највисоко на агендата на Брдо процесот. Да инсистираме да се побара помош од Унијата за ова да прерасне во европски коридор, коридор што ќе биде финансиски поддржан од Унијата, додаде тој.
Според претседателот, значењето на ваквиот коридор не е само економско, туку и геополитичко, бидејќи станува алтернатива на Коридорот 10 и ова прашање треба да биде во фокусот и на квадрилатералната соработка.
– Целата балканска инфраструктура треба да биде поврзана со европската. Не попусто, патот што не води никаде се нарекува слепа улица. На Балканот имаме премногу слепи улици. Само преку инфраструктурно поврзување со европските коридори ќе исчезнат слепите улици на Балканот, нагласи Иванов.
Посочи дека балканизирањето на европските политики кон регионот се одразува на добрососедството, економијата и европската интеграција на регионот.
– Долго време очекувавме дека земјите од регионот што порано станаа членки на Унијата ќе бидат двигатели и главни застапници за добробитта на целиот регион. Очекувавме дека земјите-членки од регионот ќе придонесат за европеизација на Балканот. Наместо тоа, сведоци сме на балканизирање на европските политики кон регионот. Тоа се одразува на добрососедството, економијата и европската интеграција на регионот, рече Иванов.
Со овој регионален претседателски самит во Драч започнува новиот циклус состаноци, чија цел, како што истакна, е унапредена билатерална и регионална соработка и европска иднина за нашите граѓани.
– Граѓаните на нашите држави многу повеќе очекуваа од слободата, демократијата и слободниот пазар. Со други зборови, состојбите во регионот не се така како што посакуваме. Најголемата причина за ова е нашето неединство како регион и нетрпеливоста создавана во 20 век, истакна Иванов.
Во своето обраќање македонскиот претседател потсети дека пред четири месеци балканските предрасуди повторно излегоа на површина.
– Постоеше реална опасност регионот внатрешно да се блокира, соработката да замре и дијалогот да престане. Затоа, одлучив да ги откажам Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и Регионалниот форум на Дијалогот меѓу цивилизациите. Го активирав алармот, и тоа веднаш даде резултат, истакна Иванов.
Поздравувајќи го дијалогот меѓу Белград и Приштина, претседателот Иванов рече дека останува неговата имплементација и конечната стабилизација на состојбите во регионот.
Македонскиот претседател посочи дека за граѓаните најважни се напредокот и благосостојбата, а патот до таа цел како што додаде, води низ економската и прекуграничната соработка, инфраструктурното и енергетското поврзување, превенцијата и помошта при природни несреќи и катастрофи, туризмот и заедничкото аплицирање за европските фондови.
– Додека успешно го трчаме маратонот на градење, развивање и одржување на добри политички односи, сите ние заостануваме во трката за економска соработка. Да не заборавиме дека двете сфери се надополнуваат како две страни на истата монета.
Во моментот економската соработка не соодветствува со нивото на политичка соработка, нагласи Иванов и додаде дека неопходно е политичката соработка да се стави во функција на економската соработка.
Во својот говор Иванов подвлече дека очекува нашиот јужен сосед да применува политика на соработка и приближување што ќе придонесе кон реализација и на Агендата 2014.
– Очекуваме конечно нашиот сосед да почне европски да се однесува кон соседите и регионот. Очекуваме да почне да применува политика на соработка. Не може да се верува на излитена декларативност. Доста ни се зборови. Не знам кој уште им верува на нивните зборови. Без дела, нивните зборови се само празни зборови, барем за нас истакна шефот на македонската држава.
Унијата, како што додаде, мора да најде начин да го одржи кредибилитетот на политиката на проширување и во Брдо најмалку што сака да види е банкрот на европската идеја.
– Географијата нè направи соседи, економијата може да нè направи партнери, а соработката членови на истото европско и евроатлантско семејство.Да го започнеме новиот циклус на нашата регионална соработка со собирање на плодовите од нашите претходни средби. И не само тоа. Да го прошириме со другите колеги од регионот. Во вториот циклус посакувам да ги видиме на заедничка маса со нас и претседателите Николиќ и Папуљас истакна претседателот Иванов на Самитот во Драч.