Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изјави денеска, коментирајќи ги разговорите што ги имал заедно со претставниците на Германија, Франција, Италија и Америка, со премиерот Koсово Албин Курти во Приштина и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Белград, дека очекуваат двете страни целосно да ги спроведат обврските што ги презеле во рамките на дијалогот.
Лајчак на платформата Х изјави дека патувал со претставниците на Германија, Франција, Италија и Америка на важни и значајни разговори со Вучиќ и Курти. Тој додаде дека во разговорот било нагласено дека настаните од 24 септември во Бањска мора целосно да се истражат и истакна дека итно е потребна деескалација и нормализација.
-Очекуваме двете страни целосно да ги исполнат своите обврски од дијалогот, рече Лајчак.
Лајчак, заедно со заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник на Америка за Западен Балкан, Габриел Ескобар и претставниците на Франција, Италија и Германија, првично разговарале во Приштина со Курти, а потоа во Белград со Вучиќ.