Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека внимателно се следат извештаите од меѓународните финансиски институции за состојбата во нашата економија и се прават проекции на буџетот за следната година со продолжување на финансиската консолидација и поддршка на растот.
Коментирајќи го вчера објавениот Извештај на Светска банка во кој се прогнозира дека економскиот раст на државава годинава ќе биде 1,8 отсто, а инфлацијата 9,1 отсто, Бесими на брифинг со новинарите рече дека во извештајот како еден од главните предизвици за забавената динамика на раст е наведен бавниот процес на носење на реформските закони во Собранието.
Позитивно, како што рече, е што даваат оптимистичка перспектива за земјата и ги наведуваат инвестициите во инфраструктурата, европската интеграција и зајакнувањето на човечкиот капитал.
-Ако гледаме во структурата, во динимиката по компоненти на БДП, ќе видиме дека тоа што го пишува се одразува во бројките, најголем одраз има надворешната трговија, динамиката на увоз и извоз, заради тоа што се намалува потрошувачката во Германија, како наш најголем трговски партнер, а поради рецесијата во два квартала. Странските директни инвестиции (СДИ) го компензираат падот во надворешната трговија. Имаме раст на СДИ во однос на претходните години. Индустриското производство, пак, првпат по пандемијата годинава има раст. Има и други аспекти, перспективата е позитивна, а ќе работиме на предизвиците, вели Бесими.
Тој посочува дека и проекциите за растот што ги објавија ММФ, ЕУ, ЕБРД.. се над 2 проценти, односно 2,4 проценти, 2,5 проценти. -Затоа, внимателно ги следиме овие работи, правиме проекции на буџетот за следната година и на БДП и продолжуваме со фискалната консолидација и поддршка на растот, истакна министерот за финансии.
Посочувајќи дека податоците на Државниот завод за статистика покажуваат постојано намалување на инфлацијата укажа дека треба да се земе во предвид влијанието од зголемувањето на каматната стапка од страна на Народната банка.
– Имаме четирикратен раст на каматната стапка на НБ и нормално дека тоа влијае на економската активност. Затоа „играме“ со други мерки, преку Развојната банка со нови кредити и поволности, гарантна шема… Нема бесплатен ручек. Ако сакаш да намалиш инфлација, НБ ќе зголеми каматна стапка, тоа пак ќе се одрази на растот, побарувачката ќе се намали, доходот… Тоа се циклуси, не можеме да се бориме со максимите на економската теорија, но се обидуваме да го намалиме ударот особено кај најранливите категории, рече Бесими.
Тој повтори дека се подготвува пакет со антикризни мерки за кои веќе се обезбедени финансии со Одлуката за прераспределба на средства од Буџетот, а најави и објава на нова граѓанска обврзница на крајот на овој или на почетокот на следниот месец.