Министерството за надворешни работи на Русија изрази силен протест до бугарскиот амбасадор во Русија Атанас Кристин.
Руското Министерство за надворешни работи протестираше поради протерувањето на свештениците на Руската православна црква од Бугарија, објавија тие на својата веб-страница.
„На дваесет и петти септември, во Министерството за надворешни работи на Русија беше повикан амбасадорот на Бугарија, Атанас Кристин, кому му беше упатен остар протест во врска со протерувањето на тројца свештеници на софиската руска православна црква од Бугарија под измислени изговори, на богохулен и навредлив начин“, се вели во соопштението, пренесува РИА Новости.
Руското министерство акцијата на бугарските власти ја нарече уште една провокација „целосно во согласност со сегашните евроатлантски насоки за борба против руското влијание“ и вети неизбежни непријатни последици за иницијаторите.
„Цврсто сме убедени дека нивните планови се насочени кон поткопување на вековните духовни врски и традиции на пријателство меѓу народите на Русија и Бугарија, но тие немаат перспектива и се осудени на неуспех“, се додава во соопштението на руската МСП.
Претходно бугарската имиграциска служба им нареди на свештениците од руската црква-манастир во Софија да ја напуштат земјата во рок од 24 часа.
Меѓу нив се и архимандритот Васијан, секретарот на софиската метохија, протоереј Евгениј и еден храмски службеник.
Во објаснувањето на бугарските власти се наведува дека тие се сметаат за закана за националната безбедност на Бугарија.