Косовскиот премиер Хашим Тачи и претседателот на Алијансата за иднина на Косово (АБК) Рамуш Харадинај, се сретнале „тајно“ во ресторанот „Тифани“ во Приштина, каде, меѓу останатото, разговарале за дијалогот во Брисел и за изборните реформи, јави Танјуг.
Тачи и Харадинај се сретнале во ресторанот „Тифани“ во придружба на најблиските соработници – заменик премиерот Хајредин Кучи и заменик претседателот на АБК и политички координатор на дијалогот во Брисел Блерим Шаља, пренесе „зери.инфо“.
– Разговаравме за дијалогот во Брисел, и имплементацијата на постигнатите договори, за процесот на транзиција на ЕУЛЕКС, за процесот на изборните реформи, како и за потребата на завршување на процесот на либерализација на визите, изјавил Тачи.
Тој додаде дека со Харадинај разговарал за „теми од национален интерес“.
Во косовската јавност и во приштинските медиуми се повеќе се зборува дека меѓу Тачи и Харадинај постои премолчен договор за идна заедничка соработка по парламентарните избори, на која за претседател на Косово АБК би го поддржала Тачи, а на местото премиер би дошол Рамуш Харадинај.