Мишел: Ако ЕУ не постави цел, никогаш нема да сме подготвени за прием на нови членки

Од:

Европската унија мора да си постави временска рамка за новото проширување, бидејќи ако не биде поставена таа цел, ЕУ нема никогаш да биде подготвена за прием на нови членки, порача денеска претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

– На тој начин изговорите веќе нема да бидат можни од ниту една страна. Едно е јасно, ако не си поставиме цел, никогаш нема да бидеме подготвени, изјави Мишел на брифинг со група дописници од Брисел.

Според него, одредувањето на конкретен датум за проширувањето ќе ја охрабри ЕУ да се подготви за овој процес, а на земјите од Западниот Балкан им дава специфична временска рамка за исполнување на нивните обврски.

Мишел во обраќањето на Бледскиот стратешки форум на почетокот на неделава изјави дека ЕУ треба да биде подготвена да прими нови членки до 2030 година, што предизвика реакции и во Брисел и кај земјите кандидати за членство.

Во одговор на новинарско прашање за коментар на изјавата на Мишел во Блед, портпаролката на Европската комисија, Дана Спинант вчера изјави дека проширувањето на Европската Унија е политички приоритет за ЕК, но тоа е процес заснован на заслуги. Според неа, Еврокомисијата не е фокусирана на датуми, туку на блиска соработка со земјите кандидати за да се подготват за влез во ЕУ.

– Проширувањето за нас е политички приоритет. Можам само да го истакнам нашиот став и нашата визија за проширување и како најдобро да се управува со процесот. Клучниот збор за нас и суштината за нас е дека проширувањето се заснова на заслуги и треба да остане засновано на заслуги, нагласи Спинант, додавајќи дека ЕК е посветена на успешен следен бран на проширување.

Денеска и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на прес-конференцијата по завршувањето на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Унијата во шпанскиот град Толедо изјави дека поставувањето на временска рамка за проширувањето, може да ја мобилизра енергијата на ЕУ и на земјите кандидатите за членство.

– Украина ќе стане членка на ЕУ, а исто и Западниот Балкан. Но, поставувањето на временска рамка, може да ја мобилизира нашата енергијата и енергијата на земјите кандидатите за членство, истакна Борел, додавајќи дека војната во Украина како колатерален ефект го има забрзувањето процесот на проширување.

Тој сепак нагласи дека проширувањето на ЕУ е процес што се базира на исполнување на критериуми.

– Една земја ќе стане членка кога ќе ги исполни сите услови, но важно е да му се даде политички поттик на процесот, истакна Борел, додавајќи дека и Унијата мора сама да се подготви за процесот на прием на нови членки.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он