По завршувањето на Светското првенство за жени, ФИФА објави дека покренала истрага против претседателот на Шпанската фудбалска асоцијација, Луис Рубиалес.
Причината за ова е наводниот сексуален скандал, виден по финалето на Светското првенство, кога, како што се наведува, Рубиалес ја бакна во уста фудбалерката Џени Хермосо.
Како што соопшти ФИФА, формирана е тричлена дисциплинска комисија на чело со колумбискиот судија Хорхе Паласио. Нивна задача ќе биде да утврдат дали се прекршени „основните правила на пристојно однесување“, пишуваат медиумите.
– Дисциплинската комисија на ФИФА го извести Рубиалес за покренување на процес против него за она што се случи на финалниот натпревар – се вели во соопштението на ФИФА.
Самата фудбалерка се огласи и ги повика челниците на шпанската фудбалска федерација да реагираат, додека Рубиалес веднаш по инцидентот одби да се извини, а сите кои го осудија ги нарече „идиоти“. Сепак, следеше извинување.