Постојат два начини да се стигне до мнозинство во Собранието од 80 пратеници со кое ќе измени Уставот, а со тоа ќе продолжат и преговорите со ЕУ, истакна вицепремиерот Бојан Маричиќ на промоцијата на кампањата „Ние сме Европа“ во организација на Секретаријатот за европски прашања во соработката со Владата.
– Неизвесно е кога собранискиот спикер Талат Џафери ќе ја закаже седницата за уставните измени, но кога тоа ќе го направи, тоа ќе значи дека власта е блиску до мнозинство. Ние работиме на услови за успешно гласање во Собранието. Кога ќе закажеме седница, тоа ќе биде знак дека сме приближени кон мнозинство. Во моментот, мислам дека поддршката оди до 73 пратеници. Но, тоа беше гласање за дневен ред. Седницата може да биде отворена додека претседателот не ја свика.
Постојат два начина: едниот е ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија да даде поддршка под одредени услови, кои беа разговарани и на лидерската средба пред два месеца. Вториот начин е само некои од пратениците да одлучат да гласаат за овие уставни промени како пред пет години кога се менуваше името. Јас не гледам трет начин, но тие се двете опции. Ние ќе работиме на двете нивоа. Сметам дека не е невозможно, туку дека е возможно и дека имаме време и простор да разговараме и да дојдеме до решение“, додаде Маричиќ.
На вицепремиерот не му се чини дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ искрено сака членство во ЕУ и се плаши дека оваа партија нема да гласа за уставни измени ниту сега ниту после избори.
– Не ми се чини дека лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ искрено сакаат членство во ЕУ и се плашам дека нема да гласаат за уставните измени ниту сега, ниту евентуално по избори, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Караванот на кампањата „Ние сме Европа“ со која Маричиќ ќе ги убедува граѓаните колку се значајни евроинтеграциите ќе опфати осум градови со повеќе теми и тоа Скопје каде темата ќе биде економија, Струмица – труд и социјална политика, Прилеп – земјоделие, Битола – култура, Охрид – туризам, животна средина, Тетово – млади, Штип – инфраструктура и Куманово – енергетика.
Тој информираше дека кампањата е во рамки на напорите Република Северна Македонија да ги исполни стратешките цели и да ги приближи граѓаните кон евроинтеграциите.
– Целта на овие настани е да ги претставиме придобивките, неопходните реформи и начините како членството во Европската Унија ќе го заштити ицзајакне македонскиот идентитет, рече вицепремиерот Маричиќ.