Џафери ја прекина седницата за промена на Уставот, власта не најде 80 пратеници

Од:

Собранискиот спикер Талат Џафери ја прекина работата на седницата за уставни измени.

– Констатирам дека претресот е завршен. Ја прекинувам работата со оваа седница, а за продолжувањето ќе бидете дополнително известени – рече претседателот Џафери.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, пред говорот на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески кој беше последен пријавен за збор, претходно побара од Џафери да не ја прекинува седницата и да ја стави точката на гласање за да се види колку пратеници има власта за отворање на Уставот.

Она за што пишуваше „А1он“ се оствари, односно Џафери ја отвори дискусијата, но седницата и гласањето ги одложи за “кога ќе се создадат услови“.

Власта побара поддршка од опозициските пратеници за отворање на Уставот, но досега ниту еднаш не ја потврди бројката на пратеници од парламентарното мнозинство кои ќе гласаат за процесот на внесување на Бугарите иако се шпекулира со 72 гласа.

Претходно „А1он“ пишуваше дека двајца пратеници на СДСМ нема да кренат рака за отворање на Уставот, а не се знае ниту конечниот став на „огнената“ група во ДУИ.

Одлуката за пристапување кон измена на Уставот ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, односно со 80 гласа. Доколку не е присутно потребното мнозинство, постапката не може да продолжи.

Постапката за Уставот е веќе започната откако Комисијата за уставни прашања на 25 јули гласаше за потребата од уставни измени и заклучоците ги проследи до Собранието.

Измените во Уставот се однесуваат на додавање на делови од народот во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, кога се набројуваат делови од народот во државата.

Во текстот: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и други“, е ставена запирка по бошњачки народ и се додава: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ и египетски народ.

Уставните измени со вметнување на Бугарите во Преамбулата се услов да ја почнеме втората фаза од преговорите со Европската унија, а произлегоа од францускиот предлог за кревање на бугарското вето во кој билатерниот протокол со Бугарија беше вметнат во преговарачката рамка.

Би можело да ве интересира

Преземените обврски мора да се почитуваат порачува францускиот амбасадор

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година