Едно лице загина, а повеќе од 50 се повредени во експлозија што се случи денеска во фабриката за оптички уреди во градот Сергијкев Посад, кој се наоѓа на 50 километри североисточно од Москва, соопштија локалните власти.
Службите за итни случаи соопштија дека експлозијата се случила во магацин со пиротехничка опрема, пренесува државна новинска агенција ТАСС.
Гувернерот на Московската област Андреј Воробјов изјави дека локацијата е дадена под закуп на приватна компанија и дека е покрената кривична истрага за можно кршење на безбедносните процедури.
Тој рече дека се оштетени 38 објекти во околината, како и две училишта, спортски комплекс и продавница.
ТАСС известува дека службите ги отфрлаат раните извештаи дека експлозијата била предизвикана од напад со дрон. Москва и нејзината околина во последните недели беа честа мета на беспилотни летала, кои Русија и ги припишува на Украина.
Воробјов рече дека 30 лица завршиле во болница, од кои шест на интензивна нега, а уште 26 лица се згрижени со полесни повреди.
Фабриката Загорск произведува оптичка опрема за индустријата и здравството, како и за руската армија. ТАСС пишува дека во тек е голема спасувачка операција во која учествуваат повеќе од 150 луѓе, а други руски агенции пишуваат дека во областа е прогласена вонредна состојба.