Американка и нејзината ќерка, кои беа киднапирани на Хаити пред речиси две недели, денеска се ослободени, потврди хуманитарната група „Ел Рои Хаити“ за која работи жената.
„Го потврдуваме безбедното ослободување на нашиот член и пријател Алик Дорсенвил и нејзината ќерка кои беа држени како заложници во Порт-о-Пренс, Хаити“, се вели во соопштението.
Организацијата не соопшти повеќе детали за околностите на ослободувањето на американските државјани, ниту дали е платен откуп.
Дорсенвил и нејзината ќерка беа киднапирани од кампусот во близина на Порт-о-Пренс кон крајот на јули.
На Хаити владее насилство од вооружени банди, предизвикувајќи хуманитарна криза и раселени десетици илјади луѓе поради честите киднапирања за откуп, силувања, мачења и убиства.
Нов лидер не е избран на Хаити откако претседателот Јовнел Мојсе беше убиен на 7 јули 2021 година.