Ветеранот на воздухопловните сили и на разузнавањето, Дејвид Груш денеска сведочеше пред Конгресот по тврдењата дека Америка „можеби има технологија која е пронајдена во вселенски систем што не е наш“.
Тој претходно зборуваше за тајни програми за кои тврди дека покажуваат дека Пентагон пронашол „недопрени или делумно недопрени авиони“ кои не се направени од човекот.
За време на неговото сведочење, тој исто така тврдеше дека САД од урнати летала извадиле траги што не припаѓаат на луѓето. На прашањето дали се работи за човечки или нечовечки биолошки траги, Груш даде шокантен одговор.
– Нечовечки, а тоа беше оценката на луѓе со директно познавање на програмата, со кои разговарав – рече тој.
Груш вели дека знае за „повеќе колеги“ кои биле физички повредени од активностите на неидентификувани аномални појави. Запрашан да даде повеќе детали, тој изјави дека „не може да навлегува во детали“.
Инаку, во интервју објавено минатиот месец, Груш рече дека „САД пронашле пилоти вонземјани“.
„Па, се разбира, кога ќе повратите нешто што е или слетано или паднато, понекогаш наидувате на мртви пилоти и верувале или не, колку и да звучи фантастично, тоа е вистина“, рече Груш тогаш.