Директорката на УЈП, Сања Лукаревска на денешната прес конференција, заедно со лиценцираниот помирувач и арбитер во работни спорови м-р Илија Манасиев, и претседателот на синдикалната организација на УЈП „Солидарност“ Васе Неданоски ја информираа јавноста дека постапката за склучување на нов Колективен Договор помеѓу репрезентативниот синдикат на УЈП и Управата за јавни- како работодавач која започна пред околу 6 месеци, заврши успешно со потпишување на Колективен договор, со што добиена е и согласност од страна на министерството за финансии.
Директорката Лукаревска се заблагодари на тимовите кои во изминатите неколку месеци посветено работеа и беа дел од помирувачкиот процес.
„Ова за нас не значи само поголеми права, туку и поголеми обврски за даночните службеници, особено сега со новата реформска програма, која бара поголема посветеност и поголеми вложувања од сите за да таа се реализира. На зголемувањето на платите гледам како на мотив плус за поголема ефикасност како даночни службеници. Нашите подобри резултати ќе придонесат и кон подобри резултати во општественото функционирање. Драго ми е што сме добар пример за тоа како треба да функционира синдикат со работодавач.“ – рече Лукаревска.
Арбитрерот во процесот, Илија Манасиев, појасни дека низ целиот процес и постапка се работело тимски, и целата процедура се водела лидерски и од страна на работодавачот претставуван од директорката Лукаревска и од претседателот на Солидарност Васе Недановски кои во краток рок составиле квалитетен одбор за помирување.
Од аспект на големината на спорот ова е еден од најголемите предмети од работните односи, решени по пат на помирување. За овој спор се појави интерес и надвор од границите на Македонија. Многубројни институции кои се релевантни во областа на трудот, меѓународни како и околните агенции за помирување, сите будно го следеа спорот и претпоставувам дека ова ќе биде еден добар пример за пракса и во другите држави каде што ќе има спорови од овој вид – рече Илија Манасиев.
Претседателот на С.О.Солидарност, Васе Неданоски рече дека овој успех е успех на целиот тим кој работеше на овој процес.
„ Сакам да искажам задоволство за законитото постапување од сите надлежни и вклучени во процесот. Се потпиша Колективен договор со репрезентативниот синдикат Солидарност. Согласно закон се уреди и содржина во Колективен договор со која платите на вработените во УЈП се зголемија за 30 %. – истакна претседателот на Солидарност Васе Недановски.