Во организација на здружението „Илинденски коњички марш 1978“ и 45-ти пат по ред, илинденската коњаница со дефиле низ општината Аеродром ги одржа завршните подготовки за традиционалниот марш до Крушево со кој се одбележува 120-годишнината од Илинденското востание. Во отсуство на поддршката која здружението секоја година ја добиваше од Министерството за култура, оваа година единствен финансиски поддржувач на настанот е Општина Аеродром.
На подготовките на коњаницата присуствуваше и градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, кој напомена дека општината и во иднина ќе дава поддршка на вакви настани и иницијативи кои имаат големо значење за македонската култура и традиција.
„На мое задоволство, вчера присуствував на подготвителните активности на Илинденската коњаница, која по 45-ти пат тргнува од Горно Лисиче кон Крушево. На учесниците им посакав среќен и мирен пат, бидејќи тие се хероите на новото време во кое живееме, личности кои со својата храброст секоја година на автентичен начин ја пренесува пораката за издржливоста и упорноста на борците за слободна, независна и самостојна Македонија“, напиша Муцунски на својот Фејсбук профил.
Илинденското востание го означува почетокот на нова фаза во развојот на македонското ослободително движење и има посебно значење во историјата на македонскиот народ. Овој празник не потсетува на историската борба и вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава и на сите оние кои со своите дела и подвизи трајно се вградиле во овој чин.