За време на одржување на манифестацијата „Галичка свадба“ по локалниот пат до селото Галичник ќе важи посебен сообраќаен режим со ограничено движење на моторни возила во сабота и во недела.
Од полицијата информираат дека во периодот од 17 часот на 15 јули (сабота) до 17 часот на 16 јули (недела) заради одвивање на церемонијата и активностите опфатени со манифестацијата „Галичка свадба 2023“ ќе воведе посебен сообраќаен режим од и кон мијачкото село Галичник.
– Во овој период во селото ќе може да влегуваат само возила со посебни пропусници, додека сите други гости и посетители нивните возила ќе треба да ги паркираат на стадионот во Галичник или на ливадите од двете страни пред стадионот, наведуваат од СВР Тетово.
Посетителите кои ќе доаѓаат со минибуси и комбиња ќе треба да се паркираат на споредниот пат за соседното село Лазарополе.
Од СВР Тетово апелираат посетителите кои планираат да дојдат на „Галичка свадба“ со возила или минибуси и комбиња да се придржуваат на наредбите и насоките од полициските службеници и да не ги оставаат возилата надвор од предвидените места за таа намена.
– Со целосно почитување на сите сообраќајни правила и прописи и јавниот ред и мир ќе придонесат за успешно одржување на оваа традиционална и надалеку позната манифестација, стои во информацијата на СВР Тетово.